Насловна / Вести / Петти симпозиум на Друштвото за геотехника на Македонија

Петти симпозиум на Друштвото за геотехника на Македонија

По неколку одложувања поради пандемијата во изминатите две години, во периодот од 23 до 25 јуни 2022 год. во хотелот Метропол во Охрид конечно се реализираше Петтиот симпозиум на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ).

3-5 Group photo_resize

Од самиот почеток на неговото иницијално планирање (веќе во 2019 год.), тој беше поддржан од Меѓународното друштво за механика на карпи и инженерство во карпи (ISRM), па зеде форма на Специјализирана конференција на ISRM, под наслов „Инженерски проблеми во меки карпи“. Ова беше и прв воопшто настан под закрила на ISRM што во целост се реализираше in-situ, после оној во Љубљана во јануари 2020 год. Во исто време, симпозиумот ја презеде и улогата на Втора конференција на регионалните геотехнички друштва (Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Србија и Хрватска), па како таков беше промовиран и од страна на Меѓународното друштво за механика на почва и геотехничко инженерство (ISSMGE).

7-11_resize

Со овие уникатни карактеристики, беше препознаен како одлична можност за запознавање со активностите на солиден број друштва, но и на сестринските кровни друштва, па беше вметнат во работните календари на претседателите на ISRM, проф. Решат Улусај (Турција), и на ISSMGE, д-р Марк Балуз (САД). Тие, покрај воведните обраќања и клучните предавања, тука практично го воспоставија и првиот меѓусебен контакт, укажувајќи особена чест на ДГМ. Така, на маргините на симпозиумот, остварија средби и со високи претставници и на други друштва, како на Бугарија, Албанија, Италија, Унгарија, Полска, Казахстан, Иран, Јапонија итн., чии претставници беа присутни во Охрид.

3-1 Opening - enjoying Ljubojna_resize

Условите во изминатите повеќе од две години доведоа до силен интерес за учество, па во Зборникот беа објавени 94 трудови (достапни и во електронски формат), вклучувајќи едно воведно, четири клучни и шест поканети предавања, соодветно на проф. Милорад Јовановски; на д-р Марк Балуз, д-р Ник Бартон, емер. проф. Хајнц Брандл и проф. Улусај; на емер. проф. Иван Вркљан, проф. Аскар Жусупбеков, проф. Војкан Јовичиќ, проф. Ахмет Сагламер, проф. Ана Марија Фереро и емер. проф. Радомир Фолиќ. Регистрирани беа преку 220 гости, коавтори и учесници од 30 земји од сите континенти. Трудовите беа презентирани на јужнословенски и англиски јазик во една од деветте усни сесии и во постер сесијата, проследени со динамични дискусии, но во пријателска атмосфера. Амбиентот на конференциската сала беше збогатен со штандови на повеќе домашни, регионални и меѓународни компании, кои заедно со спонзорите несебично ги поддржаа организаторите во плановите да се „изведе“ атрактивен настан.

7-4_resize

Со оглед дека градот и околината нудат локации за истражување – не само од геотехнички аспект, во рамките на слободно време беа спроведени и пловидба по Охридското Езеро, со разгледување на праисториската населба во Заливот на коските изградена над конструкција од дрвени колови, и посета на Охрид.

7-5_resize

Симпозиумот пружи можност да се врачат и признанијата за Почесни членови на ДГМ на проф. Улусај, проф. Вркљан и проф. Фолиќ, како и Благодарници на лица (проф. Јосиф Јосифовски, доц. Златко Илијовски, м-р Доне Николовски, м-р Бојан Јаневски, Живко Гоцев) и институции и фирми кои го поддржале развојот на геотехниката во Македонија во изминатите години (Комора на овластени архитекти и овластени инженери, рудник Саса – Македонска Каменица, ГД Гранит АД, ДГ Бетон АД, БИМ – Св. Николе, Геохидроконсалтинг – Скопје, МИДЕЛ – Куманово и Институт ИМС – Белград).

7-7_resize

Сите овие бројки и успешна реализација на предвиденото ги поттикнуваат домаќините да планираат организирање на настани од повисока категорија. Но, она што особено радува е новата димензија на симпозиумот, бидејќи како посебна придобивка треба да се истакнат можностите што им беа дадени на младите колеги: повеќе компании понудија финансиска и материјална поддршка за изработка на дипломски работи, семинарски задачи и магистерски тези, како и покривање на надоместоци за учество на меѓународни конференции, дел од кои веќе започнаа да се реализираат, стимулирајќи ги да продолжат да работат, творат и истражуваат во огромното поле на геотехниката.

Вонр. проф. д-р Јован Бр. Папиќ, Претседател на ДГМ

12-9 Poster_resize

12-10 Poster_resize

12-8 Poster_resize

13-9 Blagodarnici_resize

Испрати коментар

Scroll To Top