За што подобро да ја цените мистериозната фасцинација на Петра, треба да знаете како да ја слушате нејзината тишина…
Патувањето низ Јордан, несомнено, е голем предизвик, започнувајќи од исконската река Јордан, легендарната пустина Вади Рум со доживувањата на Лоренс од Арабија, краткиот но егзотичен брег на Црвеното Море, бурното минато и сегашноста на Кралството, и како врв на доживувањето – Петра.
Одвај го дочекав денот во кој конечно во живо ќе го посетам едно од новите седум светски чуда – Петра. Јунскиот ден е вообичаено топол во оваа пустинска земја, но желбата за откривање на Петра ја потиснува температурата што се движи накај 40-иот степен. Одењето до Петра претставува патешествие низ кањонот Сик, долг 1,2 километри.
Кралската гробница Уранов гроб
Изборот е, да се пешачи таа дистанца или да се извози на камила, коњ или со кочија. Сепак, најдобро е да се пешачи за да се долови нестварната убавина на Сик. Огромни триста метри високи песочно-црвени, како и сино-бели карпи го формираат кањонот, кој на најтесниот премин е широк само два метри, а некаде достигнува широчина и до десет метри. Одушевувањето е присутно кај секој посетител кој стапнал во Сик, а сè уште има време да се стигне до градот Петра и до Ризницата.
Остатоци од гробница во Петра
Се чудиш како природата успеала да создаде ваква убавина и сите едногласно се согласуваме дека природата е најголемиот и најдобриот креатор на светот. Се чувствува возбуда и спокојство, на моменти прекинато од галоп на коњи или елегантно движење на камили. Остатоци од вдлабнати фигури на луѓе и животни се забележуваат скоро по целиот пат. Во карпите има остатоци од некогашен аквадукт кој носел вода во Петра од некој близок извор. Додека во мислите се враќаш векови наназад, обидувајќи се да си го замислиш овој простор во неговиот полн сјај, вниманието го привлекуваат неколку бедуини. Нив овде ги има многу.
Возење со кочија низ кањонот Сик
Живеат според свои правила и не се интегрирани во државата, но во Петра само тие имаат право да работат, според договор помеѓу нив и Кралството на Јордан. Токму заради тоа, во Петра ги има речиси на секој чекор, на различна возраст, обидувајќи се на секого да му продадат по некој сувенир или разгледница. Нудат и возење на камили, на коњи или кочија, а оние најхрабрите се осмелуваат да понудат и по неколку десетици камили за убава туристка. Движејќи се низ кањонот, минатото ви одѕвонува во глава и си ги замислувате звуците на забрзаните трговци на ткаенини и зачини, кои од овој пустински град направиле трговско средиште. Крајот на Сик се ближи и се наѕира симболот на Петра – Ризницата или Khazne al Firaum.
Ризницата Khazne al Firaum
Глетката кога завршува кањонот и пред вас се исправува Ризницата е навистина тешко да се опише, зборовите не се толку моќни колку што е моќен погледот. Пред таков поглед се занемува и сакате времето да застане и овој момент да трае вечно. Некаде во глава одминува мисла дека стојам на место каде што некој стоел исто така, само пред повеќе од 2.000 години. Се чувствувам и моќно и безначајно, се менува чуден сплет на чувства, а дека е тешко да се најдат соодветни зборови за да се опише глетката, има констатирано секој што ја има посетено Ризницата.
Импровизирана тезга на Бедуин
Таа е чудо вдлабено во карпа, висока е 40 метри, а над неа се извишува огромен карпест масив, достигнувајќи 146 метри височина. Градењето т.е. вдлабнувањето на Ризницата се изведувало од горе па надолу, при што како платформа се користеле природните платформи на карпата на која се стоело при длабењето.
Изградбата започнала од 39 метри височина, а за длабење се користеле железни копачи. Отпаднатиот материјал што се добивал при длабењето го вградувале во други објекти во градот. Фасадата изобилува со детали од митолошки суштества, растенија, главата на Медуза, Амазонки, круната на божицата Изида. Се чита влијание од египетската, грчката и римската култура. Вистинската функција на овој објект не била откриена доста долго време.
Остатоци во гробница во Сик
Конечно, во 2003 година, на шест метри под земја, во Ризницата биле откриени погребни комори и скелети на 11 мажи, како и куки за закачување на темјан, што довело до заклучок дека објектот претставува семејна гробница. Пронајдените предмети во Ризницата, како ковани пари, потекнуваат од I век од нашата ера. Петра е град кој се спомнува и во Библијата, под името Села, што преведено од хебрејски јазик значи Карпа. Арапите, пак, ја нарекуваат Долина на Мојсеј.
Гуштер Adama Sinaita
Врвот на својата моќ Петра ја доживеала во IV век пр. н.е. во време кога со неа владееле Набатејците, кои биле одлични трговци и не случајно ја одбрале за свој дом, откако го напуштиле номадскиот начин на живот. Имено, Петра се наоѓала на крстосница помеѓу големи трговски патишта од Арабија до Месопотамија и сè до Средоземно Море и Сирија. Во најдобриот период, во Петра живееле околу 40.000 жители. Градот бил напуштен во XIII век, а европскиот свет ја запознал дури во 1812 година, кога ја открил швајцарскиот истражувач Јохан Лудвиг Буркхардт. Бедуините успешно ја чувале оваа тајна скоро 600 години… Ризницата е симболот по кој Петра е позната во светот и ставена на мапата на светски чуда, но градот содржи остатоци од уште многу фасцинантни објекти изрезбани во карпи.
По одминување на Ризницата, од која воопшто не е лесно да се оттргне погледот, се зачекорува по главниот пат и веднаш погледот го пресретнува амфитеатар. Тој е издлабен во карпа, содржи 33 реда во кои можеле да се сместат околу 6.000 гледачи и е единствен во светот ваков зачуван театар. По векови и векови постоење, забележливо е оштетување на редовите предизвикано од големите дождови кои се сливале во него од планината во која тој лежи. Над театарот, зад последниот ред, во карпата се направени правоаголни отвори кои најверојатно служеле како дел од сцената. Театарот е проширен во времето на Римјаните, додадени му се повеќе редови и била подобрена акустиката. Околу театарот, во карпите се наоѓаат гробови, па според опкружувањето јасно е дека освен трагедии и комедии, во театарот се изведувале и религиозни обреди и свечености, но за нив нема никакви пишани сознанија.
Крајот на Сик, почеток на Петра
Продолжуваме понатаму, патот нè води кон кралските гробници, а за да се дојде до нив треба да се искачат повеќе скали, сосема разбирливо, зашто не се направени на ниво на пешачката зона. Првата гробница е Урановнот гроб, со монументален изглед и украсена фасада, а којзнае како изгледала кога била тукушто изградена. Четири столбови го носат споменикот, а меѓу нив има отвори во кои стоеле споменици. Внтарешноста на просториите е темна, а се отвора убав поглед кон столбовите што се наоѓаат во дворот. Боите се прелеваат – од розови до кремасти нијанси. Од записите пронајдени на ѕидовите на гробницата, се заклучува дека овој објект некогаш служел и како црква. Следуваат уште неколку впечатливи гробници, а Свилената гробница е најмала во споредба со останатите кралски гробници. Името го добила според спектарот на бои на фасадата, кои ѝ даваат отмен изглед.
Амфитеатар
Патот нè води накај останатите гробници и прескокнувајќи по неколку скалички на жешкото сонце, од нигде никаде изникна импровизирана тезга за сувенири. Застанувам заради љубопитност, а пред мене се појавува девојче – типично бедуинче од околу 10 години. Одлучувам да ги разгледам сувенирите и да се информирам за цените, и најверојатно да купам некоја ситница затоа што немам срце само да ѝ завртам грб и да си отидам, како што, претпоставувам, прават повеќето од туристите кога ќе налетаат на оваа тезга. Спонтано, на англиски јазик ми прозборува и ми кажува дека се вика Ранија. Забележувам дека го носи името на јорданската кралица и ѝ кажувам дека е убава како кралицата, на што искрено се насмевнува.
Потоа, заедно одбираме сувенири кои ќе ги купам и опишувајќи ми ја можноста на камената желка-сувенир да ја менува бојата кога ќе дојде во допир со вода, ми вели да си одберам еден магнет како подарок од неа. Овој ден, после сите прекрасни работи доживеани во Петра, Ранија ми го доисполни срцето и веднаш се поврзавме. Можеби не оди во училиште и продавајќи сувенири му помага на семејството да преживее, но не сите работи се учат на училиште. Има нешта кои ги носиш во себе, во срцето, без разлика на тоа кој си и од каде потекнуваш, дали си архитект од Југоисточна Европа или бедуинче од Јордан.
Има уште интересни објекти за разгледување и стигнуваме до Палатната гробница. Изградена е според римските палати и се разликува од другите градби во Петра. Фасадата е составена од три дела, од кои првите два се издлабени во карпа, а третиот дел, кој е и највисок, е изграден од камен. Величенствена е, како и сè останато во Петра, и се оддалечувам за да можам од подалеку да ја гледам целата градба.
Живописни бои и превоз со камили во кањонот Сик
Се движам и одеднаш пред мене, на камен се појави Agama Sinaita. Тоа е флуоресцентно син гуштер и е еден од највпечатливите жители на Петра. Застанав да го видам подобро и од поблиску, плашејќи се да не го избркам со моето присуство и без нагли движења да го фотографирам, најнесекојдневниот влекач кој сум го видела досега. Потоа дознав и дека сум имала голема среќа што воопшто сум го видела, бидејќи е доста срамежлив и плашлив и ретко се изложува на погледи на љубопитни туристи. Времето полека изминува, а Петра е тешко да се напушти.
Живописни бои на карпите во Петра
За утеха е тоа што и при заминување од Петра, уште еднаш ќе се фрли поглед со воздишка кон Ризницата и уште еднаш ќе се помине кањонот Сик, само овој пат во обратна насока. Постои една книга со наслов „Најубавото место на светот е тука“. Книгата нема никаква допирна точка со Петра, но откако ја прочитав се прашував кое место во светот јас би го опишала со тие зборови. Откако ја доживеав Петра, веќе знам – најубавото место на светот е Петра! И сосема случајно открив дека се согласив со Томас Едвард Лоренс (или попознат како Лоренс од Арабија), кој дошол до истиот заклучок во неговото пишано дело „Седум столбови на мудроста“. Да, најубавото место на светот е токму тука.
(Фото: Александра Петровска)