Жидас Даскаловски, Пенчо Кузев, Марија Ристевски и Татјана Атанасовска Гроздановска се четворицата изготвувачи на онлајн петиција во која од премиерот Никола Груевски, бараат да стори се што е во неговите можности за да се спречи прекумерното аерозагадување на Скопје и сериозните импликации што тоа ги предизвикува врз граѓаните. Бидејќи досега ниедна институција не реагирала на оваа состојба и секоја се прогласила за ненадлежна, интелектуалците го повикуваат лично премиерот да преземе нешто. „Почитуван премиере, загадувањето на животната средина во населбите „Аеродром“ и „Гази Баба“ е алармантно и бара Ваша итна реакција без одлагање. Очекуваме од Вас да им наложите на ресорните министерства да го лоцираат загадувачот веднаш и да изречат санкција во согласност со позитивните прописи во Република Македонија. Не дозволувајте главниот град да стане втор Велес. Товарот на целото општество е далеку поголем и несогледлив на долг рок, во споредба со материјалното богатство на неодговорни и несовесни поединци“, се наведува во петицијата.