Воздржана палета на бои, префинета естетика и дрво во сите можни комбинации – ова е добитна комбинација за создавање удобно и софистицирано место за живеење…
Но, дали некогаш сте се запрашале зошто дрвото не престанува да воодушевува кога станува збор за дизајн на ентериер? Од почетокот на светот дрвото го привлекувало вниманието на градителите и дизајнерите. Во споредба со челикот или бетонот, тоа е поевтино, полесно за обработка и поодржливо. Може да се користи речиси секаде како елемент на дизајнот кој совршено го надополнува секој стил. Освен издржлива, класична убавина на мебелот изработен од фино дрво, лесно е да се замисли на подови, ѕидови, тавани, тераси како и во други варијанти на декор низ домот. Современо, традиционално, рустикално, но и модерно – дрвото совршено се вклопува со сè. А еве ги причините за тоа:
Дрвото е еколошки прифатливо
Да, добро познат факт, дрвото е многу помалку штетно од повеќето други декоративни материјали или елементи. Преработката на дрво ослободува многу помалку емисии на јаглерод кои инаку можат да бидат штетни за здравјето на луѓето, а исто така има и неверојатни изолациски способности. Така, поставувањето на дрво во вашиот ентериер ќе обезбеди брзо ладење и загревање на просторот. Исто така, дрвото има одлична способност да апсорбира бучава, што ќе го направи вашиот ентериер не само поздрав, туку и многу попријатен за престој.
Дрвото е исклучително издржливо
Всушност, дрвото е еден од најиздржливите материјали, што го прави омилено во светот на дизајнот. Долгорочно гледано, тоа како да е создадено да заштеди време, труд и пари кои инаку би биле потрошени за чести поправки, реновирање или замена. Ако се чисти и одржува правилно, дрвото може да трае многу години, а денес барем таа ставка е многу полесна бидејќи пазарот е преплавен со голем број производи за заштита на дрво.
Дрвото е достапно
И тоа ќе го потврдите доколку (сосема искрено) на едната страна од листот ги ставите сите предности од користењето на дрвото во внатрешноста на домот, а на другата неговата цена. Сите водечки светски дизајнери тврдат дека дрвото е еден од најевтините материјали што може да се користи во дизајнот на ентериер, а ние немаме причина да не им веруваме. Иако има и други евтини материјали, факт е дека ништо не ја истакнува естетиката и на просторот од природно дрво. Без разлика дали имате мал буџет, или имате можност да си дозволите на вашиот дом големо сезонско реновирање – дрвениот дизајн е идеален за откривање на најубавата страна на вашиот животен простор.
Дрвото е исклучително приспособливо во естетска смисла
Покрај тоа што е меѓу најевтините, дрвото е и еден од најразновидните материјали кога станува збор за визуелниот дел од приказната. Не само што е прилично лесно да се работи и дизајнира, туку може да се користи на милион различни начини за да се постигнат различни нивоа на естетски шарм, но и топлина во која дрвото е неприкосновено. Може да се бои, обликува, засенчи и на тој начин да создаде наједноставни форми на мебел, како и спектакуларно декорирани ѕидови и подови. Со други зборови, кога се користи на вистински начин, дрвото може целосно да промени одредено место.
Дрвото е бескрајна инспирација
Освен топлината и мекоста што ја внесува во просторот, дрвото е единствениот материјал кој може да се направи сјаен, полиран… што и да посакате. Денес ви стојат на располагање милион техники за завршна обработка, па дури и ако одлучите да го оставите недопрено – сепак ќе изгледа исклучително уникатно и ќе одговара на секој стил, декор и тон на боја. Навистина никогаш не можете да останете без инспирација со дрвото, особено денес кога е достапно во толку широк спектар на бои, тонови и видови.