Градежната компанија „Стентон градба“ ќе ги изведува петте нови живеалишта за лавот, тигарот, мајмуните, мечката и рисот, како и фармата за останатите животни во Зоолошката градина во Битола. Проектот треба да се реализира во временски период од еден и пол месец, со што ќе се создадат услови за сместување на овие животни во битолската зоолошка градина. Од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион за оваа намена ќе бидат издвоени финансиски средства во висина од околу 430 илјади евра.
Проектот за реконструкција на Зоолошката градина во Битола постепено се одвива во изминативе две години и досега опфати санација и изградба на 11 од вкупно планираните 26 живеалишта, како и подигање на детски парк во кругот на комплексот. Во иднина треба да се доврши образовниот центар, ресторанот и административниот објект. Финансиите за остварување на овој проект тековно се обезбедуваат од неколку различни извори. Идејното решение за реконструкција на Зоолошката градина во Битола го изготви бирото „Есперанца дизајн“.