Американското списание „National interest“ состави листа од пет нафтени судири кои се завршиле катастрофално. Имено, во текот на последниот век разни држави влегувале во војни поради желбата да ги освојат нафтените извори – стратешкиот енергент кој е суштински битен за развојот на индустријата и армијата. „Сепак, често намерата да се освојат туѓите нафтени области довела до ризик да се уништи сопствената земја“, наведува списанието.
Првите две места на оваа листа ги заземаат судирите за нафтени ресурси во времето на Втората светска војна.
1. Јапонија
Во август 1941, САД и Европа вовеле ембарго на испораките на нафта за Токио поради агресивната политика кон Кина и окупацијата на француската Индокина. Токму тоа, според мислењето на авторот на статијата, било катализатор за агресијата на Јапонија во Тихиот Океан, на Далечниот Исток и Југоисточна Азија, иако е очигледно дека постоеле бројни причини кои ја поттикнале Јапонија да влезе во Втората светска војна.
Уништувањето на Тихоокеанската флота во Перл Харбур не го решава проблемот со нафта на Јапонија, а освојувањето на азиските наоѓалишта не носи олеснување на економијата на оваа земја, бидејќи транспортот на нафтата од тие области бил исклучително сложен и скап. Пред крајот на војната „за производство на авионско гориво Јапонците морале да сечат шуми“. Војната и тежнеењето кон неограничени залихи на нафта на крајот довеле до „слом на империјата“.
2. Битката за Сталинград и војната на нацистичка Германија и СССР
Идејата за „блицкриг“ пропаднала уште во летото 1941. „Ако некој од лидерите сè уште верувал во идејата да ја освои нафтата, тогаш тоа бил само Хитлер, кој се жалел дека неговите генерали ништо не знаат за економските аспекти на војната. Но, сепак, за разлика од својот фирер, тие биле свесни дека неразумно ги праќаат своите тенкови и луѓе во пропаст. До јуни 1942, главните сили на исцрпената нацистичка армија се насочени на освојување на териториите на југот на Русија и пристапот кон изворите на нафта на Кавказ. Во август, фашистите се соочиле со дилема дали да одат на Сталинград, или на Кавказ заради нафтата. Армијата се поделила, но како што е познато, не можела да постигне ниту една од овие цели.
3. Иранско – ирачката „танкерска“ војна, 1980 – 1988 година
Судирот доведува до деморализација и слабеење кај двете страни. Ирак започнува војна со напад на иранските објекти од нафтената индустрија и комерцијалните бродови. Иран одговара со иста мера. Во текот на судирот уништени се над 450 танкери. Од иранските проектили настрадале и американски танкери, што ја испровоцирало интервенцијата на САД против Иран.
4. Инвазијата на Ирак во Кувајт, 1991 година
Една од причините, според списанието, е настојувањето на Багдад да ги освои нафтените извори на Кувајт. Поради агресијата на својот сосед, Ирак ги влошува своите односи и со САД. Ирак одбива да го исполни ултиматумот на ОН и да ја повлече војската, по што САД ја спроведуваат акцијата „Пустинска бура“, која ја уништува ирачката армија.
5. Војните на САД во Ирак
И овие војни се поврзани со американскиот интерес за ирачката нафта, и веројатно во периодот што следува ќе бидат појасни многу аспекти. Колку и да постојат и други причини, сигурно САД не би упатиле огромен воен контингент доколку, на пример, постоел судир меѓу Нигерија и Камерун, заклучува „National interest“.
И покрај глобалните заложби за „чиста енергија“ и „чисти енергенти“, сепак фосилните горива, првенствено нафтата, се сериозен стратешки ресурс од кој не само што не се отстапува, туку сè уште е предмет на големи кризи. Интересно е дека земјите со најголеми резерви на нафта се исто така водечки според резервите на природен гас.