Насловна / Градежништво / Пет фирми заинтересирани за градење на плоштадот „ВМРО“

Пет фирми заинтересирани за градење на плоштадот „ВМРО“

plostad vmro
Пет фирми се заинтересирани за изградба на плоштадот „ВМРО“, кој ќе се наоѓа пред новата зграда на седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Толку понуди стигнаа вчера до тендерската комисија задолжена за нивна евалуација, кои беа отворени во просториите на Град Скопје. Понуда достави градежната фирма „Бетон“ од Штип во висина од еден милион и 440 илјади евра. Понудата на оваа компанија беше и најевтина. Вториот отворен коверт и припаѓаше на фирмата „Трансмет“, која за плоштадот „ВМРО“ нуди 1,6 милиони евра. Градежната компанија „Бауер БГ“ доо – Скопје за оваа зделка конкурираше со понуда од еден милион и 446 илјади евра. Кавадаречката фирма „Урбан инвест“ беше четвртата компанија, која за изградба на овој простор понуди еден милион и 526 илјади евра. Последната понуда што беше отворена дојде од скопската градежна фирма „Бетон“ а.д. – Скопје и изнесуваше еден милион и 587 илјади евра. Сите тие понуди се без пресметан ДДВ, а банкарските гаранции им важат заклучно со јули годинава.

Во наредниот период тендерската комисија треба да ги разгледа понудите и да направи евалуација, а потоа ќе следува електронска аукција, на која ќе има наддавање за цената за изградба на плоштадот, каде што истата може и да се намали.

Плоштадот „ВМРО“ ќе биде со површина од 681 метри квадратни и ќе се наоѓа меѓу зградата на седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и хотелот ТЦЦ „Плаза“. Град Скопје при распишување на јавниот повик вредноста на овој проект ја процени на вкупно 1,4 милиони евра.

Тендерот за изградба на плоштадот беше одложен двапати по барање на учесниците.

Инаку, според урбанистичкиот план, предвидено е да се уреди просторот околу новата зграда во изградба на владејачката партија, која се гради на местото на стариот објект.

На плоштадот предвидено е да се постават канделабри и клупи, ќе има и фонтана со спомен-обележје. Истовремено, како дел од акцијата на Градот за обнова на фасадите, сите згради што гравитираат околу новиот објект на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат нови фасади.

Испрати коментар

Scroll To Top