Во голем дел границата помеѓу Германија и Швајцарија е реката Рајна и тоа по средината на нејзиното течение. Реката Рајна, градот Рајнфелден го дели на два дела и тоа еден дел од градот е во Германија (Областа Баден), а другиот дел е во Швајцарија (во кантонот Аргау). Бреговите на реката од двете страни на градот Рајнфелден, иако со различна топографија, густо се изградени, а двата дела на градот се поврзани со неколку мостoви кои ја премостуваат реката.
Во 2017 година градот, двете области, Рајнфелден (Германија) и градот Рајнфелден (Швајцарија), заеднички распишале анонимен конкурс за пешачки мост широк 4,5 и долг до 250 метри како нова врска преку реката Рајна. Мост кој ќе ги поврзува двата дела од градот, двете држави и ќе овозможи поблиска врска меѓу областите. Мостот е ново поврзување, нова врска за пешаци и велосипедисти, а целта е зближување на луѓето, жителите од двата дела на градот од две различни држави. Исто така, целта е и развивање на источната урбана зона на градовите, која претежно е зелен појас и место за спорт и рекреација.
На конкурсот пристигнале осум труда, а победник е пешачки висечки мост, дело на инженери од неколку проектантски бироа и тоа Конструктивно биро Мибах (Miebach) од Рајнфелден – Германија, Архитектонско биро Свилус архитекти (Swillus architekten) од Берлин и Биро за пејзажна архитектура ХХВХ (HHVH) од Берлин.
Комплетната проектна документација за изградба на мостот е работена сè до 2019 година. Мостот е со должина од 213,5 метри и широчина од 4,5метри, а е проектиран како висечки пешачки мост и со дрвена конструкција на коловозот.
Главните носечки столбови се челични со висина од 30 метри. Столбовите се прекршуваат по висина над коловозот. Двата столба од долниот дел имаат форма на буквата ,,Y,“, превртена наопаку, за во горниот дел, над прекршувањето, да преминат во еден столб, формирајќи елегантна прекршена силуета. Секој столб се прекинува во бетонскиот темел на брегот. Распонот на столбовите е статички разумен и е 180 метри. Овој концепт – комбиниран со хоризонтална конструкција од ламелирано дрво, бара дополнителни кабли за да се задржи еластичноста на столбовите и стабилноста на коловозот, а исто така каблите го штитат мостот од вибрации. На главните, подолжни кабли, поставен е да виси коловозот и тие ја елиминираат потребата од попречни греди, а главните столбови се врзани со сајли одзади, меѓу две точки, една кај прекршувањето на столбот, а друга на почетокот на коловозот на брегот. Дополнителни вертикални кабли предвидени се од двете страни на коловозот и се обесени на двете подолжни главни сајли. Со тоа е овозможена стабилност на мостот и спречени се вибрации на коловозот.
Лентата на коловозот е обложена со плочи од природен камен со големи димензии. Камените плочи излегуваат над работ на дрвената потпора со што ја штитат дрвената конструкција од дожд и нечистотија, гарантирајќи долг век на траење. Оградата на мостот е од челични профили, се мултиплицира формата на столбовите „Y“, исполната меѓу нив е со мрежа од нерѓосувачки челик, а ракохватот е од модифицирано дрво.
Концептот е инспириран од природен модел, дрвјата кои растат покрај брегот на реката Рајна се извишуваат високо кон небото. Паровите столбови на мостот се спуштаат кон реката, а потоа се прекршуваат и се издигаат високо по вертикала, со благо навалување кон брегот за да помогнат во балансот.
Концептот и идејата покажуваат два пара столбови кои излегуваат од брегот на реката Рајна и се наведнуваат кон неа. Импресивниот речен слив на Рајна останува речиси целосно слободен, а двата брега на реката се уредуваат со различни структури. Визурите кон стариот град Рајнфелден остануваат непречени.
Изборот на природни градежни материјали го подвлекува аспектот на одржливост и го нагласува природниот контекст на реката Рајна.
При изборот на победничкиот проект на конкурсот, жирито ја истакнало употребата на дрвото како главен градежен материјал, бидејќи постои долга традиција на дрвени мостови во областа и дрвото е одржлив и иновативен материјал.
Мост, кој совршено е вклопен во природниот амбиент, не се наметнува со својата форма и големина во целокупниот пејсаж. Како да е стопен со амбиентот. Кога се гледа оддалеку тој е транспарентен, како пајажина растегната меѓу двата брега, а преку него се гледа стариот град Рајнфелден и реката Рајна. Совршен спој на градба со природниот амбиент.
Иако сите припреми за негова изградба се завршени, мостот сè уште не почнал да се гради, поради неуспешниот референдум во Швајцарија, Кантон Аргау, град Рајнфелден. На референдумот граѓаните од градот Рајнфелден, Кантон Аргау се изјасниле со „не“ за изградба на овој мост, во ова време на пандемија. Мостот ќе чека реализација, понатаму во некои подобри времиња.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.