Насловна / Вести / Пешачка патека со излез зад „Исарот“ во Штип

Пешачка патека со излез зад „Исарот“ во Штип

DSC_9077 

Град како Штип, до сега не можеше да се пофали со пешачка патека. Единствена локација за таква работа беше месноста Суитлак, но таму во суштина и нема патека за таа намена, туку пат кој поминува низ населбата и голема паркова површина и шума.

На почетокот на оваа година, локалната самоуправа започна со амбициозен проект. Пробивање на пешачка патека зад градскиот Исар, кој верувале или не, и за средовечни штипјани до сега бил тајна.

DSC_9565
Локацијата беше запуштена, обрасната во голема вегетација, а таму своевремено во стари запуштени бараки беа сместени неколку ромски семејства. Надоаѓањето на реката Брегалница во февруари лани, со зголеменото ниво на вода ги поплави објектите. Луѓето беа присилени да се отселат. Откако беше најдена привремена локација за нивен престој, општината презеде акција. Тешка механизација беше донесена и започна уривањето на дотраените објекти и пробивањето на патеката. Полесниот дел беше од камениот мост или Емир Ќучук Султановиот мост до свиокот на реката спроти Исарот. Потешкиот дел беше зад големиот карпест рид, кој бараше повеќе време и внимание.

За три месеци патеката беше пробиена, по што следеше поставување на бехатон плочки во должина од околу два километри. Потоа беше електрифицирана патеката со електрични столбови и на крајот поставување на клупи и рекреативни елементи. Зад самата тврдина, утврдена е проширена локација за одмор, веднаш каде што се наоѓа влезот или тунелот до површината на врвот на Исарот. Оваа локација е направена како атракција за посетителите, од кои голем дел беа слушнале, но не ја виделе до сега.

1.Шеталиште зад Исарот-патека 3
Иако работата изгледа лесна, сепак не беше така. И работата не е завршена. Планот е да се уредат уште шест километри од патеката. Во долниот дел, сегашната патека ќе се спои со онаа што се прави кон Ново Село до бањата Кежовица, а во горниот дел до месноста Караорман. Овој потег е предвидено да се користи и за спортски активности, за кајак на мирни води, со што целиот овој дел ќе заживее.

DSC_9570
Оваа лето немаше време, но постојат планови и за изградба на спортски терени, како и поставување на угостителски содржини во вид на шанкови и друго, со што во вечерните часови ќе има и повеќе од рекреација. Патеката е вистински хит за штипјани. Изминатите два месеци, летниот период, таа беше најспосетуваното место во градот. И млади и стари се тука. Посебно навечер. Сега патеката е предвидено и да се прошири со делница за велосипеди, бидејќи се покажа дека има потреба од такво нешто за велосипедистите. Севкупно кажано, и вакви минорни зафати можат да бидат вистински погодок.

 

                                                                                                                                   

 

Испрати коментар

Scroll To Top