Перу планира да засади милион дрвја околу археолошкиот локалитет Мачу Пикчу за да го заштити од лизгање на земјиштето и шумски пожари.
Кампањата за садење беше објавена од перуанскиот претседател Мартин Вискара во јануари. Тој рече дека садењето милион дрвја околу античкиот град Мачу Пикчу е „одговорност на владата, регионот и на сите граѓани кои сакаат да го заштитат ова светско чудо“.
Познатиот град Инка зафаќа површина од 35 илјади хектари. Секоја зима и лето, тој е изложен на ризик од лизгање на земјиштето и шумски пожари. Засадувањето дрвја исто така ќе помогне во заштитата на локалната флора и фауна.
Ова туристичко место, откриено во 1911 година од Хајрам Бингам, претрпе некои измени во последните години за да се спречи оштетување и деградација. Така, Храмот на сонцето, групата Кондор и Интихуатана сега имаат ограничено време на посета и број на посетители.
Сличен проект е направен во февруари 2019 година, кога „Екозија“ и „Прогресо“ засадија 1,2 милиони дрвја во јужноамериканските земји. Ова беше најголемиот проект за пошумување во тој регион.