Пејзажен хотел 48° Nord, инспириран од скандинавската традиција и природните придобивки на регионот Алзас во Франција. Сместен во атарот на алзашкото село Брајтенбах, ја реинтерпретира скандинавската колиба „hytte“ како место за ревитализација и повторно поврзување со природната средина.
Проектот настанал како резултат на амалгам на две култури (француска и скандинавска), две страсти (природа и архитектура), две особи (Емил Лерој и Реиулф Рамштад) и една ентузијастичка и самоиницијативна локална заедница од селото Брајтенбах. Со поврзување на идентитетот на локалната заедница и природниот пејзаж на начин што сè уште не е виден во регионот Алзас, пејзажниот хотел 48° Nord доби уникатен и необичен архитектонски израз, дело на Reiulf Ramstad Arkitekter & ASP Architecture.
Сместено помеѓу регионите Вогези и Алзас, Брајтенбах е уникатно село со исклучително ентузијастичка локална заедница која е силно посветена на еколошки одговорен пристап преку активности како што се водење на еколошка пиварница, производство на млеко и сирење и слично. Иницијатор за воведување на еколошкиот кодекс бил претставник на руралната заедница, инаку страстен вегетаријанец. Започнал со органско земјоделство во селото, истовремено поттикнувајќи нови одржливи и еколошки деловни правила.
Хотелскиот комплекс се наоѓа во срцето на природното богатство заштитено од страна на еколошката мрежа Натура 2000 и проектиран е на начин потполно да се вклопи во зачуваната животна средина и на ниту еден начин да не ја девастира. На влезот во хотелскиот комплекс се наоѓа главната зграда посветена на угостителството и велнесот.
Ресторанот на хотелот нуди необично гастрономско искуство, благодарение на спојот на скандинавска инспирација, локални техники, органски производи од околината и хотелската градина. „Мојата кујна е создадена како резултат на средбата со скандинавската инспирација и разновидните локални производи. Наследените техники и локалната храна ја сочинуваат основата на моето мени. Ја истражувам околината за да најдам органски земјоделци. Го истражувам процесот на сублимацирање и зачувување на сировите состојки. Резултатот е интуитивна и креативна кујна инспирирана од земјата, годишните времиња и локалните производители. Можностите се големи, производите се квалитетни, а идеите се толку извонредни што моето мени се развива токму според моите желби“, изјави шефот на кујната Фредерик Мецгер.
Во срцето на заштитеното природно подрачје изградени се 14 ‘hytte’ колиби кои нудат приватност и овозможуваат набљудување на околниот пејзаж. Колибите „hytte“ се мали, едноставни и дискретни и како такви совршено се вклопуваат во природната средина. Изградени се од дрво костен и испресечени со големи стаклени рамки. Постојат четири основни типови. Колибата „Gräss hytte“ е исклучително пристапна и се наоѓа во близина на главната зграда на хотелскиот комплекс. Колибите „Tre hytte“ и „Eføy hytte“, како репрезенти на висина и компактност, комбинираат вертикалност и панорамско разгледување. Колибата ‘Fjell hytte’ се наоѓа на врвот на еден рид и е наменета за големи семејства кои сакаат да се соединат со природата и опкружувањето. Ентериерите на сите колиби се минималистички и рустикални и го претставуваат вистинското олицетворение на нордискиот концепт.
Целта на проектот не била да се изгради хотел во класична смисла на зборот, туку да се создаде место за живот каде што гостите ќе бидат пречекани и од кое ќе тргнат на незаборавно патување, доживувајќи ја природата на сосема нов и поинаков начин. Тоа е простор каде посетителите се среќаваат, се дружат, уживаат, живеат заедно и се релаксираат додека ги набљудуваат ридовите и долините на регионите Вогези и Алзас. Архитектонското решение на пејзажниот хотел 48 ° Nord ја одразува оваа филозофија и се стреми да го промовира ширењето на уметноста на живеење во хармонија со пејзажот. Пејзажниот хотел 48° Nord претставува еколошко редефинирање на луксузот. Просторот, приватноста, спокојството, природата и свежиот воздух се луксузот на денешницата – антитеза на традиционалниот луксуз. Хотелскиот комплекс е широко отворен кон пејзажот на двата локални региони и им нуди на гостите уникатно место за средба, размена и размислување.