Општина Пехчево ќе добие сто илјади долари од УСАИД како прва општина во Македонија што има усвоено Стратегија за климатските промени, за да стане стопроцентно енергетски ефикасна општина.
„Во соработка со повеќе невладини организации и здруженија на граѓани, општина Пехчево има дефинирано над 70 проекти, што ќе се реализираат до 2020 година, а секој проект ќе придонесе да се намалат ефектите од климатските промени на подрачјето на нашава општина“, изјави градоначалникот на Пехчево Игор Поповски.
Во рамките на проектот што е потпомогнат од УСАИД и „Милеуконтакт“, на повеќе граѓани од Пехчево им се поделени садници од брзорастечки дрвја, таканаречени мини фабрики за кислород. Тие во споредба со другите шумски и декоративни дрвца за време на вегетацијата ослободуваат пет пати повеќе кислород.
Покрај Пехчево, Виница е втора општина во Брегалничкиот регион која има изработено стратегија за климатските промени.
Главна цел на овие развојни документи е да се влијае на подигањето на свеста кај населението за последиците од климатските промени, глобално во Македонија и поконкретно во локалните средини.