Храната ги обликува нашите градови. Како се храниме и каде купуваме е од клучно значење за здравјето и отпорноста на луѓето и целиот екосистем. Прехранбената и климатската криза и продлабочувањата на социјалните разлики треба да не насочат кон решенија кои ги скратуваат синџирите на снабдување и го олеснуваат праведниот пристап до здрава и евтина храна.
Пазарите кои нудат локални земјоделски производи ја зајакнуваат отпорноста на градот и еднаквите можности за здрава и евтина храна за сите општествени групи, зајакнувајќи го микропретприемништвото и меѓусоседските врски.
Александра Василковска, чие биро Aleksandra Wasilkowska Architectural Studioе е одговорно за преуредување на Targ Blonie, повеќе од 15 години го истражува концептот на „архитектура во сенка“, односно неформална улична трговија и пазари. Реновираниот отворен пазар се наоѓа во општината Blonie, мало гратче во близина на Варшава, пишува ArchDaily.
Локалната заедница со векови ја негувала традицијата на саеми, а пазарот бил многу посетен и со години обезбедувал пристап до евтина, квалитетна храна што директно ја продаваат производителите и земјоделците. Општината Blonie одлучила да го преуреди и обнови за да ги реши проблемите на лошите санитарни стандарди и недостатокот на основна инфраструктура за пазарот.
Проектот за преуредување и реновирање се состоел од создавање хибриден јавен простор кој комбинира две социјални функции – парк и пазар. Изградени се мултифункционални бели кровови кои ги рефлектираат сончевите зраци и обезбедуваат засолниште од дождот. По затворањето на пазарот, скалестите трговски тезги со дрвени плочи може да се користат како седишта и простор за спонтани собири. Околу кровот поставени се комерцијални и услужни павилјони со големи прозорци и фасади обложени со брановиден бел лим.
На плоштадот се изградени и тоалети и павилјон за администрација, а во срцето на пазарот има шанк поврзан со детско игралиште и заедничка маса. Околу покриениот пазар има пристапен пат кој овозможува испорака на производи до павилјонот и местата за продажба, како и отворени штандови за автомобили и подвижна трговија со земјоделски производи. Мазната бетонска површина на плоштадот е проектирана така да не создава рабови и да овозможи слободно и безбедно движење низ пазарот пеш, во инвалидска количка или на скејтборд.
Регенерацијата на пазарот и зголемениот биодиверзитет се значајни карактеристики на проектот. Околу кровот и павилјонот проектирани се природни зелени острови со борови дрвја, повеќестеблести габери, буки и брези. Откако ќе достигнат одредена висина, дрвјата и грмушките кои обезбедуваат храна и засолниште за птиците и инсектите ќе понудат и дополнителна сенка за трговските места на отворено.
Покрај оградата засадени се винова лоза, ползавици, повеќе видови цвеќиња, грмушки и овошки. Дождовницата од кровот се собира и се користи за полевање на растенијата. Геометријата на плоштадот е обликувана така што максималната количина на дождовница се слева во областите на градините, цвеќињата, повеќегодишните растенија и грмушките.
Дизајнот го комплетираат различните елементи на уличен мебел, како што се бели кружни информативни табли, носачи за велосипеди, камени грамади, куќички за птици и инсекти, заедничка маса и седишта. Под карактеристичниот органски кров е проекиран е и простор за игра на деца со лулашки во форма на животни направени од дрво.
Хибрид на парк-пазар, Targ Blonie ја подобрува микроклимата, го зајакнува микро-претприемништвото и им дава на жителите пристап на отворено до локално произведена храна, зајакнувајќи ја отпорноста на градот во време на пандемии и прехрамбени и климатски кризи.