Областа на новиот пазар со својот парк и повеќенаменска платформа се наоѓа меѓу насипот на Сора, разделена само од локалниот пат, и надворешните рабови на стариот пазар во словенечкиот град Медводе. Издолжената парцела се протега меѓу патот од едната страна и општинската зграда и библиотеката над устието на реките Сава и Сора.
Целта на изградбата на централниот пазар беше да се освежи и значително да се збогати општинскиот центар со формирање на функционален и модерен простор за трговија. Проектот на новиот пазар, потпишан од словенечкото 3biro, е исто така дел од неодамна започнатaта ревитализација на напуштената област во центарот, што почна со повремениот пазар на продажни штандови. Изградбата на овој пазар, кој исто така може да послужи на различни претстави, го означи и почетокот на поширока трансформација на урбаниот пејзаж и збогатување на зелениот фонд.
Проектот е почнат од постојниот простор и на него му е даден архитектонски одговор. Оската на композицијата е поставена меѓу висок платан на запад и липи во источниот дел на парцелата, од каде продолжува кон библиотеката и до устието на реките Сора и Сава. Ова постигнува совршен баланс меѓу новата и сегашната состојба.
Пресекот на целата парцела во надолжна насока е во форма на истегнат синусоид. Ова создава флуидно поврзан простор кој нуди различни перспективи на патувачот кога преминува од едниот до другиот крај.
Целиот проект е направен во согласност со основните елементи на градскиот пејзаж: земјата, зеленилото, песокот, вештачкиот камен и дрвото од кое е направена изградбата. Дрвото било логичен избор за правење натстрешница затоа што тоа е природен материјал што во просторот делува ненаметливо.
Зеленилото на паркот го опкружува просторот, создавајќи различни погледи, особено благодарение на дрвената структура што ги обликува погледите на високи дрвја, овошни дрвја, ниски и високи грмушки. Разновидноста на растителни видови и форми на околното зеленило ќе дојде до израз кога тоа ќе порасне со текот на времето.
Најпрепознатливиот впечаток за композицијата е преплетување на патеките што се среќаваат во надолжните насоки, создавајќи облик на влив на река. Втората, помалку препознатлива геометрија е онаа на триаголна мрежа што ги поврзува рабовите на просторот. Целиот состав е надополнет со ненаметлива придружна фонтана.