Компанијата за интернет плаќање PayPal на почетокот на оваа недела престана со работа во Турција, откако банкарскиот регулатор на оваа земја одби да и даде лиценца, порачувајќи дека не е во согласност со прописите за локализација.
Овој потег погоди многу мали претприемачи кои зависат од услугата на трансфер на пари за речиси сите свои трансакции. За многумина PayPal е единствената опција за работење на глобално ниво.
„Ова е економски поразително за многу, многу луѓе“, рече сопственикот на една мала компанија која преку интернет платформа продава автентични турски производи, како што се пешкири и мелници за кафе.
„Ја почитуваме желбата на Турција да ја распореди ИТ инфраструктурата во рамки на своите граници. PayPal користи глобална платформа на плаќање што дејствува во повеќе од 200 пазари, и тоа е подобро отколку да има локални платформи за плаќање со наменска технолошка инфраструктура во секоја одделна земја“, се вели во соопштението на PayPal, објавено минатата недела.
Турската регулаторна агенција објави дека лиценцата на PayPal е одбиена, бидејќи одби да постапи во согласност со законот кој пропишува на банкарските институции локализирање на примарните и секундарните системи, пренесува државната агенција Anadolu.
Турскиот конфликт со технолошките компании не е ограничен само на PayPal. Оваа земја во минатото го забрануваше и Twitter и YouTube, а забранува и десетици други интернет страници.