На презентација одржана неодамна во Осака, Холандија пред светската јавност ја претстави темата и проектот на својот павилјон за следното издание на Светската изложба, што ќе се одржи од 13. април до 13. октомври во овој јапонски град.
Темата на павилјонот за Експо 2025, која се преведува како „Заеднички интерес: Заедно создаваме нова зора“, ја нагласува посветеноста на земјата за поттикнување на меѓусебното разбирање за справување со глобалните предизвици.
Сонце направено со човечка рака
Проектот на RAU Architects, циркуларниот прокт на павилјон има истакната осветлена сфера во неговиот центар, симболизирајќи нова ера на неограничена чиста енергија, налик на „сонце направено со човечка рака“ кое сигнализира иднина придвижувана од одржливи ресурси.
Во тек на претстојното Експо во Јапонија, посетителите од целиот свет ќе се запознаат со новите технологии насочени кон искористување на безграничната енергија на водата, нагласувајќи ја улогата на павилјонот во промовирањето на напредокот во енергетската транзиција.
Фокусот на павилјонот се протега понатаму од претставување на технологии, поттикнувајќи и размислување за тоа како чистата и обновливата енергија може значително да го подобри квалитетот на животот.
Со овозможување одржливи иновации, павилјонот има за цел да се позабави со критичните прашања како што се климатските промени, безбедноста на храната и глобалното здравје.
„Способноста да се развијат решенија кои спасуваат животи и ја подобруваат благосостојбата ја нагласува клучната улога на чистата енергија во обликувањето на поотпорна и попросперитетна иднина“, истакнато е на промоцијата.
Холандскиот павилјон исто така се соочува со значајни предизвици од енергетската транзиција. Во него се препознава итната потреба да се реши недостигот на ресурси и да се намали зависноста од фосилните горива.
Како да се направи конечното бесконечно
Фокусирајќи се на обновливите извори како што се ветерот, сонцето и водата, павилјонот ја промовира транзицијата кон одржливи енергетски системи кои го минимизираат влијанието врз животната средина. Овој пристап, како што беше нагласено, ја зајакнува посветеноста на Холандија за иновации, циркуларен дизајн и одржлива иднина за сите.
„Ние луѓето сме гости на земјата. Нашата планета е затворен систем, ништо повеќе не се додава. Сè што не расте е ограничено, поради што се соочуваме со конечноста на нашите фосилни извори на енергија и материјални резерви. Како би можеле конечно да го направиме бесконечно?“, праша тимот зад холандскиот павилјон.
Дизајнот е производ на заедничките напори на конзорциумот „A New Dawn“, кој покрај RAU Architects вклучува искуствено дизајнерско студио Tellart, инженерска консултантска куќа DGMR и јапонската градежна фирма Asanuma.
RAU Architects го води проектот со фокус на циркуларен проект и одржливи материјали, осигурувајќи дека павилјонот не само што прикажува врвни решенија за чиста енергија, туку и обезбедува извонредно, едукативно искуство за посетителите.
Осака 2025 како платформа за револуционерни иницијативи
Покрај павилјонот, Холандија ја започна кампањата „Road2Osaka“ за зајакнување на економските, политичките и културните врски со Јапонија и источна Азија, пишува ArchDaily.
Кампањата има за цел заедничко креирање иновации под темата „Заеднички интерес“ (Common Ground), зајакнувајаќи ја улогата на Холандија во придвижувањето на глобалните енергетски транзиции и поттикнување на заеднички решенија за отпорна иднина.
Се разбира, Светската изложба 2025 во Осака ќе послужи како платформа за овие револуционерни иницијативи, беше соопштено на прес-конференцијата.