Овој проект е реализиран за конкурсот Archi<20, во кој се проектира павилјон со основа од само 20 m2 , кој ќе биде поставен во заштитената природна околина во Muttersholtz, Alsace. Со ограничен буџет од 7.000 евра, комисијата наложила да се создаде прецизна и внимателна архитектура.
Во оваа смисла, првата намера на Atelier56S била да се креира објект кој ќе овозможи различни искуства и можности, употребувајќи што е можно помалку материјал. Имено, создаден е структурален систем кој исполнува најразлични критериуми: можноста за светлина, сенка, вентилација а исто така служи и за привремено складирање.
Втората намера била да се постигне архитектура која ќе ја подобри и ќе ја прошири релацијата помеѓу посетителот во павилјонот и околината што го опкружува. Павилјонот на некој начин претставува медиум кој истовремено ја редуцира и ја зајакнува оптичката врска. Структурата претстваува план на отворен внатрешен простор.
Гледајќи го однадвор, павилјонот има тенденција да исчезне: во нејасната природа на неговите формални граници, навидум обичниот објект се открива како комплексна интеракција на светлина, сенка, луѓе и предмети.