Павилјон на Србија на Експо Дубаи 2020 е сместен во срцето на делот кој носи наслов „Мобилност“ (Mobility). Павилјонот е проектиран како еден вид временска капсула, која го поврзува наследството на неолитската култура на Винча со дигитално модерна Србија.
На тесна парцела, авторите од студиото A3 Architects ја прилагодиле архитектурата на павилјонот на урбаните ограничувања, трансформирајќи ја почетната форма во издигната триаголна структура која овозможува максимално искористување на просторот и фасадните рамнини.
Зададената тема на изложбата во Дубаи – „Поврзувањето на умови, создавање на иднината“ – била почетната точка за архитектите, заедно со креативниот тим кој го дизајнирал наративното и визуелното сценарио на презентацијата.
Темата на настапот на Република Србија на светската изложба е „Србија создава идеи“ („Serbia creates ideas“) – „Инспирирани од минатото, креираме иднина“(“Inspired by the past, shaping the future”).
Претставувањето на Србија симболично е претставено и инспирирано од Винчанската цивилизацијата. Изложбената поставка на павилјонот кој е со површина од 2.000 квадратни метри ја прикажува модерна Србија како природен наследник на иновациите, исклучителноста, уметноста, трговијата и мирниот соживот на оваа култура стара повеќе од 7.000 години.
„Во овој историски период се случиле иновации кои влијаеле на развојот на човештво – се случило првото топење на метали во светот (што е инспирација за визуелниот идентитет и логото на Србија на Светската изложба), едно од најраните производства на керамика, првите протоградови, првите двокатни градби и неверојатни примери на мобилност, комуникација, развој на трговијата“, вели Игор Ковачевиќ, директорот на Павилјонот на Србија.
Српскиот павилјон е дизајниран како еден вид временска капсула, која го поврзува наследството на иновативната Винча со дигитално напредната, модерна Србија. Самиот изглед на павилјонот потсетува на кос кров на некогашните винчански градби.
Павилјонот е целосно дигитализиран и дава можност за виртуелно патување, како низ различни реалности, така и низ различни временски епохи, засекогаш бришејќи ја поделбата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет. На овој начин, виртуелната изложба им овозможува на посетителите да ја запознаат Србија.
Со технолошките иновации, сите заинтересирани посетители (во живо во Дубаи или онлајн) можат да се запознаат со револуционерните достигнувања на Винчанската култура, како и со наследството на српските великани кои го задолжиле човештвото – како Никола Тесла, Михајло Пупин, Милутин Миланковиќ, но и да се истражуваат богатствата на национални музеи, технолошките иновации и туристичката понуда за време на Експо.