Насловна / Архитектура / Патување низ Тел Авив – премин од модерната во современата архитектура

Патување низ Тел Авив – премин од модерната во современата архитектура

tel aviv sovremena arhitektura_2

Во Израел во еден ден може да се помине одисеја низ времето. Во текот од неколку часови може да се патува од објекти стари две илјади години до објекти припадници на најсовремената архитектура. Тел Авив, вториот по големина град во Израел, познат како мека на модерната архитектура, во последните 20 години внимателно и сензитивно го развива своето место на сцената на современата архитектура.

Последната фаза на градот е конструкција на архитектонски икони, обележја и облакодери, кои соодветно ја надополнуваат либералната економија во раст, за разлика од раните денови на социјалистичкиот идеализам на земјата.tel aviv sovremena arhitektura_8

Во деведесеттите години од минатиот век, Тел Авив еволуира во градот што го познаваме денеска. Прекарот „град кој не престанува“ е превод на фактот што во него се наоѓаат некои од најпосакуваните недвижности во Израел, привлекувајќи постојано студенти, уметници, претприемачи и млади фамилии кои го користат градот 24/7.

Концептите во современата архитектура го следат принципот од „едноставно до комплексно и повторно до едноставно“, што претставува значителен просторен предизвик.tel aviv sovremena arhitektura_1

Почетокот на патувањето низ современата архитектура започнува на аеродромот Бен Гурион, проектиран од интернационално познатиот архитект Моше Сафди, и изграден во 2004 година. Ѕидовите изработени од камен и нивното длабење ја доближуваат природата на израелската архитектура (масивноста, бетонот и каменот како конструктивни материјали) и ја симболизираат елегантноста и луксузот.tel aviv sovremena arhitektura_3

Архитектот Моше Сафди е познат најмногу по неговиот објект „Хабитат 67“ изграден за Канадското интернационално и универзално Експо 67. Вредно е да се забележи дека принципот на заштита се испреплетува во секој концепт на израелската архитектура, без разлика дали се работи за објект од поголем размер (аеродром) или обична настрешница за автобуска постојка.tel aviv sovremena arhitektura_6

Во 2011 година Музејот на уметноста во Тел Авив го отвори за публиката новиот дел – објект од музејскиот комплекс проектиран од архитектот Престон Скот Коен. Тој претставува слободно стоечка конструкција од бетон со геометриска обвивка и повремени стаклени триаголници. Во внатрешноста просторот се завиткува и одвиткува во висок атриум, чијашто структура и површини под различен агол ја пропуштаат светлината.tel aviv sovremena arhitektura_4

Објектот се развива на пет нивоа, содржи аудиториум со простор за филмски проекции, читања, предавања и дискусии. Престон Коен го опишува објектот со исклучителна програма, која го поставува предизвикот да се направат неколку нивоа на голем неутрален простор и правоаголни галерии во мала, триаголна идиосинкретична локација.

Решението е „правоаголнизирање“ на триаголникот, конструирање на ниво на различни оски и комбинирање на две парадигми на современата архитектура: една – музеј на неутралните бели кутии којшто е оптимален и флексибилен простор за изложување на уметност, и музеј на посетителот – создавање на социјалното искуство.tel aviv sovremena arhitektura_7

Обидувајќи се да испрати порака за дизајнот како катализатор на трансформација, во март 2010 година Тел Авив го добива својот прв музеј за дизајн Холон. Проектиран од архитектот и индустриски дизајнер Рон Арад, објектот претставува витален и динамичен извор за разбирањето на дизајнот и неговата улога во нашите животи.

Самиот објект изгледа како орнамент од повеќе ленти коишто на моменти се доближуваат една до друга, додека во други моменти се одвојуваат и создаваат поинакво просторно доживување. Основањето на Дизајн музејот Холон е значителна точка за гратчето Холон (предградие на Тел Авив) и неговото развивање во епицентар за култура и образование. tel aviv sovremena arhitektura_5

Во текот на јули оваа година музејот беше куратор на изложба посветена на темата дизајн на настрешници. Покрај поставката во самиот музеј, целото негово опкружување беше означено со различни проекти за настрешници изградени во 1:1, што зборува за неговиот постојан дијалог со околината.

Покрај објектите посветени на дизајн и уметност, во близина на населбата Петах Тиква се забележува мостот на Сантијаго Калатрава. Мостот на конци всушност претставува блага рампа за пешаци. Неговата должина од 50 метри е поставена на челична и стаклена конструкција во форма на буквата Y преку улицата Жаботински, поврзувајќи ги резиденцијалното соседство и јавниот парк.

Инвеститорите Azorim Properties го повикале Калатрава да го дизајнира мостот откако ја посетиле изложбата посветена на неговите дела во музејот Технион во Тел Авив. Мостот на Калатрава во Ерусалим, познат како Мост на конците, беше прифатен со многу контроверзии и критики како екстравагантно и скапо решение, со повеќе од 70 милиони долари надминување на основниот буџет. Во Тел Авив мостот е со помал размер, функционален, и претставува ориентационен репер за целата област.

Синагогата и центарот за еврејско наследство на архитектот Марио Бота се наоѓаат во рамките на универзитетскиот кампус на Тел Авив. Кралскиот Институт на британските архитекти го вклучи објектот во изложбата во Лондон наречена „Молитва од камен“. Проектирана е од Марио Бота во 1996 година и конструирана од 1997 до 1998 година. Приземјето се протега на 800 метри, од правоаголна основа се издигаат две идентични кули, започнуваат во квадратна форма и се трансформираат во кружна форма во горниот дел.

Оригиналната архитектонска форма на кулите е реализација во камен на геометрискиот принцип на квадрирање на кругот. Објектот е направен во период кога многу познати архитекти дизајнираат објекти од висок профил во Израел, развивајќи ја современата архитектура околу израелските институции.

Максимилиано и Дориана Фуксас ја проектираат куќата посветена на мирот во Јафа. Контекстот е особено значителен бидејќи Јафа е територија во којашто се испреплетувале различните нации и религии во минатото. Тие го опишуваат проектот како пристаниште за сите морнари и како рај за сите оние што поминале низ бродолом. Архитектите објаснуваат: „Да се замисли простор којшто не е виртуелен туку реален.

Да биде посветен на мирот и да се навраќа на неговото длабоко етичко значење. Центарот за мир Перес претставува паралелопипед. Со нерегуларно поставени стакло и бетонски обвивки кои стојат на монолитска база, на крајот на објектот се наоѓа влезот во паркингот, на другиот влезот за пешаците. Обвивките, кои претставуваат игра на светлина и темнина, се направени од бетон измешан со други материјали и земја од околината“.

Современата архитектура на Тел Авив се наоѓа сè уште на својот почеток. Од друга страна, концептите се вметнуваат во градот со „леснотија“ заради неговото функционално планирање и постоењето на големи површини јавен простор. Тел Авив е град кој и покрај сопствената историја, најуспешно испреплетува сценарија и луѓе од различни профили на оние територии кои ги нарекува свој сопствен јавен простор.

 

Испрати коментар

Scroll To Top