Посебни патроли во општината Карпош за поголема безбедност на граѓаните најави градоначалникот Стефан Богоев.
Тој ја оствари првата работна средба со новиот командир на Полициската станица Карпош, Владо Симјановски. На средбата се разговарало за зголемување на безбедноста на граѓаните во Карпош, при што биле истакнати повеќе клучни точки или делови од општината каде што е потребно зголемено присуство на полицијата, како и координирани акции со општинските инспектори и комунални редари.
Освен тоа, велат од Општината, во пролет и во летниот период од годината забележително е нарушувањето на јавниот ред и мир во повеќе населби во Карпош.
„За оваа цел Општината предвидува да ангажира лица што во одреден период од денот ќе ги чуваат игралиштата, платоата, плоштадите и скверовите во Карпош, со што ќе се обезбеди поголема безбедност на овие места. Овие патроли ќе овозможат и зачувување на урбаната опрема, која честопати се оштетува од страна на несовесни посетители“, велат од Општината.
Командирот Симјановски посочи дека Полициската станица е подготвена да помогне во обуката на патролите, нивна едукација и поддршка.
Што се однесува до загадувањето, како една од првите критични локации е посочен Ккејот на реката Вардар. Станува збор за мостот „Газела“, каде што честопати се создава депонија (т.н. сметлиште) од страна на локалното население. За да се обезбеди поголема контрола на овој потег, кој најчесто се злоупотребува за фрлање отпад, во фаза на договарање е координирана акција меѓу Општината и Полициската станица Карпош, во која ќе бидат санкционирани сите што го загадуваат потегот по должината на реката Вардар.
Исто така, Богоев напомена дека мора да се врати редот околу градилиштата во Општината.
– Инспекторите на Општината се често на терен и го спроведуваат законот, но ставот на Општина Карпош е дека е потребна асистенција и на сообраќајната полиција, и тоа присуство на барем две патроли, една која би ги контролирала градежните активности во Тафталиџе и на улицата Прашка и втора на крајот на булеварот Илинден, со цел да се справат и да го спречат загадувањето што се прави од градежната механизација – рече Богоев.