Патот за елитната населба Сончев Град, поради кој се пресече дел од шумата на Водно, со месеци стои изграден, но блокиран. Не се користи. По него минуваат само велосипедисти, кои ги прескокнуваат поставените барикади и возат по новиот асфалт. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, за „Макфакс“ објасни дека новиот пат е заглавен во административни процедури поради кои не може да биде пуштен во употреба. Ќе остане така уште некој месец.
„Градежните работи за патот се целосно завршени. Направен е и технички прием, но не можеме да го пуштиме во употреба додека не ја усогласиме документацијата со изграденото на терен. Поради големото свлечиште што се појавило, изместена е трасата, а тоа повлекува низа административни измени. Очекувам оваа пролет, до март, да успееме да ја комплетираме документацијата и да го пуштиме за употреба “, вели директорот Китанов.
Направена е измена на проектот, која мора да се вметне во сите документи, објаснува директорот. Поради измената, одново биле барани дозволи, одобренија и согласности од низа институции што се дел од проектот за патот кон Сончев Град.
„Земјиштето преку Министерството за земјоделство требаше да се пренамени, да се направат измени во просторното планирање, да се добијат согласности за измената од Министерството за животна средина, да се добие ново одобрение за градење и да ја платиме сметката на ЈП ’Паркови и зеленило’ за исечената шума. Очекувам секој момент да ја добиеме пресметката од ова претпријатие и ќе ни остане да го добиеме новото одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски за да можеме да го пуштиме патот во употреба. Нема други пречки за тој да почне да се користи“, вели директорот Китанов.
Од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, во чија надлежност е парк-шумата Водно, велат дека за пресметка допрва ќе излезат на терен. Новиот директор Адријан Муча е во тек со проектот и со измените и во контакт со директорот Китанов.
„Сега немаме податоци за тоа колку шума е исечена и какви измени се направени. За да направиме пресметка, екипа од кај нас заедно со претставници од државните патишта ќе направи посебен увид по што ќе знаеме за колкава сума се работи“, изјави директорот Муча за „Макфакс“.