Коридорот 8 се враќа повторно на маса и уште еднаш станува меѓу врвните приоритети на Владата во делот на модерната инфраструктура и поврзаност. Досега неколку пати овој коридор беше приоритет на повеќе политички партии и влади, но неговата изградба и завршување се пролонгираа како што се интензивираа најавите за завршување.
Коридорот 8 е еден од европските коридори, долг околу 1.350 километри, кој треба да го поврзува Јадранското со Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија. Низ нашата земја поминува околу 300 километри патна мрежа. Со целосната изградба на Коридорот 8 треба да се поврзат пристаништата во Драч и Бургас, и со тоа да се отворат многу поголеми можности за економиите во трите земји.
Коридорот 8 којшто поминува во Република Македонија е од Ќафасан, преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово, Ранковце, Крива Паланка до Деве Баир. Со изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, ќе се комплетира изградбата на овој коридор.
ЕКСПРЕСЕН ПАТ РАНКОВЦЕ – КРИВА ПАЛАНКА
Уште во октомври 2015 година беше потпишан договор меѓу Министерството за финансии и Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Изградбата требаше да почне пролетта 2016 година и да заврши за три години, односно до крајот на 2019 година.
Но, изградбата на експресниот пат Куманово – граница со Република Бугарија, делница Ранковце – Крива Паланка, со можност за идно прераснување во автопат, во должина од 23 километри и ширина од 12,5 метри, почна со две години задоцнување, во јуни 2018 година кога владини претставници предводени од тогашниот премиер Зоран Заев го означија стартот на градежните работи за изградба на овој експресен пат. Тогашните рокови беа дека оваа делница ќе биде готова во 2021 година. Но, и тоа не се случи, па сегашната влада даде нови прогнози, а тие велат дека патот Ранковце – Крива Паланка ќе биде завршен во 2023 година.
Доколку се изгради експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, ќе се комплетира изградбата на Коридорот 8. Ова има важна улога во забрзување на економскиот сеопшт раст во државата, a треба и да ги унапреди и севкупните релации меѓу земјите од регионот.
АКТУАЛИЗИРАЊЕ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ
Актуализирањето на овој проект доаѓа во време кога сè повеќе се зборува за меѓувладините договори со Република Бугарија. Откако се договори интензивирање на динамиката за изградба на Коридорот 8, премиерот Димитар Ковачевски беше во увид на изградбата, чија вредност е 62,5 милиони евра.
„Со мојот бугарски колега многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура“, рече Ковачевски.
Притоа Ковачевски изрази охрабрување за силен интензитет на изградбата на овој експресен пат, додавајќи дека и бугарскиот премиер Петков се обврзал добро да провери што се случува со изградбата на патот од бугарската страна кај преминот Клепало кај Берово.
„Република Северна Македонија има стратешка определба за изградба и модернизација на Коридорот 8, како дел од паневропските коридори што ја поврзуваат оската Исток – Запад и со инвестицијата се овозможува голем економски потенцијал и за овој дел од државата“, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изразувајќи задоволство од динамиката и реализацијата од над 70 проценти на експресниот пат, каде како што нагласи се дава дополнителен стимул во забрзување на градежните работи.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми споделувајќи пообемни технички информации поврзани со изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка извести дека претходните проблеми се надминати.
„Идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка“, истакна Рустеми, информирајќи дека во тек се градежни активности во зимски услови на втората делница. Патот е поделeн на две делници, првата е од Длабочица до Чатал, а втората од Крива Паланка до Длабочица.
Во овој дел од државата почнати се значајни проекти меѓу кои рехабилитација на магистралниот пат Куманово – Страцин, со вкупна должина од 32 километри, и вредност од 11,9 милиони евра и втората делница, која е веќе во завршна фаза и се очекува во скоро време да биде готова.
Во изработка е проектната програма за проектирање нов експресен пат Романовце – Страцин којшто е планиран да се финансира од ИПА 3 инструментот и со сите овие рехабилитации, санации и изградби во регионот целта е да се добие комплетен Коридор 8, кој како главна артерија ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија.
НЕОЧЕКУВАНИ ПРОБЛЕМИ
За изведувачи на работите на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка беа избрани италијанската компанија „Тирена Скави“ за делницата Длабочица – Чатал со должина 15,5 км и македонскиот конзорциум „Гранит – Бетон“ за делницата од Крива Паланка до Длабочица со должина 7,5 км.
Но, проблемите се појавија откако со италијанската компанија „Тирена Скави“ се прекина договорот и таа се повлече од теренот. Работите на оваа подделница беа стопирани. Во мај минатата година Јавното претпријатие за државни патишта го објави меѓународниот тендер за избор на изведувач што ќе ја догради првата подделница од Длабочица до Чатал со должина од 15,5 километри. Се очекува оваа 2022 година работите да продолжат и да се интензивираат, како што најави и премиерот Ковачевски по меѓувладината седница во Софија.
За три години работа, италијанскиот изведувач завршил само околу 30 отсто на својот дел од трасата долга 15,5 километри, а новиот изведувач што сега се бара на меѓународен тендер ќе треба да ја заврши оваа секција во рок од 16 месеци.
Идниот изведувач на трасата меѓу Длабочица и Чатал треба да ги доврши земјените работи во износ од над 1,5 милиони метри кубни, да реализира асфалтни и армиранобетонски работи на идниот пат.
ВЛАДИН ПРИОРИТЕТ
Во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022 – 2024 година изградбата на Коридорот 8 е ставена како приоритет во делот модерна инфраструктура и поврзаност. „Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со спроведување на Националната стратегија за развој на патната и железничката инфраструктура во државата. Врвен приоритет на Владата ќе претставува рапидна изградба на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении. Поврзувањето исток – запад, со Република Албанија и Република Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на Владата до 2024 година. Oстануваме целосно посветени на целосна реконструкција и доизградба на коридорите 10 и 10-Д, со што ја задржуваме конкурентноста и централната позиционираност во регионот. Во текот на овој мандат ги продолжуваме проектите коишто имаа огромни проблеми и тешкотии при изградбата, но започнуваме и со изградба на нови патни правци кои ќе дадат сериозен импакт во развојот на економијата и државата. Активно се работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Во план е проектирање нова делница од Куманово до Ранковце и целосно завршување на реконструкцијата на патот Крива Паланка – Деве Баир“, се наведува во Програмата на Владата.
ВАЖНОСТА НА КОРИДОР 8
Со изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, ќе се комплетира изградбата на Коридорот 8. Овој коридор, што ги поврзува Црното и Јадранското Море има многу важна улога во забрзување на економскиот сеопшт раст во државата, a треба и да ги унапреди и севкупните релации меѓу земјите од овој регион. Возилата ќе се движат со максимална брзина од 110 километри на час и значајно ќе се скрати времето на патување меѓу Скопје и Софија, а со Коридорот 8 Северна Македонија ќе биде целосно автопатски поврзана.