Утре (4 мај), во 20 часот, во галерија „Ко-Ра“, во ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Патеписи“ на Илина Арсова, на која ќе бидат претставени фотографии, слики во техника – колаж, алпинистички дневници и видеопрезентација.
Фотографиите што ќе бидат претставени на самостојната изложба „Патеписи“ на Илина Арсова се од автентичен карактер, снимени на нејзините искачувања на највисоките планински врвови ширум светот и ги доловуваат пејзажните и портретните вредности на местата низ кои таа минувала (најчесто од Хималаите).
Во ликовниот – сликарски дел од изложбата уметницата ја претставува последната сликарска фаза, исто така, непосредно инспирирана од планините и природата. Тука е и последниот проект насловен „Колажна приказна“, составен од мали формати на рециклиран отпад претворен во колоритни, текстурални композиции.
На изложбата ќе бидат претставени и оригиналните дневници водени во екстремни услови на височина од пет-шест илјади метри и на температура од -30 Целзиусови степени. Тие се отворени за публиката и имаат интерактивна димензија.
Видеопрезентацијата ќе биде прикажана само на отворањето на изложбата и има информативно-документарна цел. Станува збор за видео од последното искачување на врвот Мера (6.476 м), со скии, во соработка со „Scout Outdoor Shop“ и „Алкалоид – Скопје“, истакна уметницата и алпинистка Илина Арсова.