Во приморското место Каварна во Бугарија, минатата година е завршена изградбата на енергетски ефикасната куќа која максимално ја искористува енергијата на сонцето. Куќата ја проектираше архитектонското студио Ignatov Architects, со цел што повеќе да се искористaт алтернативните извори на енергија. Посебните изолациони материјали и намалувањето на потрошувачката на енергија за 90% во однос на конвенционалните објекти ѝ овозможија на оваа куќа заслужено да добие сертификат за пасивни куќи.
Нацртот на куќата е ускладен со нееднаквиот, ридест терен и нуди величенствени погледи кон морето. Таа е вкопана во ридот, а земјата што ја опкружува обезбедува константна температура во внатрешноста на куќата. Ориентацијата е јужна како би се искористила максимално сончевата енергија. Зелен кров го покрива ова двокатно здание, кој служи како дополнителна изолација, но и дополнителен зелен простор за одмор и релаксација.
Најинтересен детаљ е предниот дел од куќата, кој е складен со движењето на сонцето. Предниот ѕид е составен од трослојно изолирано стакло и намерно е навален за да одговара совршено на аголот на падот на сончевите зраци за време на летниот солстициј, што значи дека во периодот на највисоките температури, топлина воопшто не влегува во куќата, додека за зимскиот солстициј нискиот агол на сончевите зраци паѓа директно на базенот што се наоѓа на терасата, така што ги рефлектира одбиените зраци како дополнителна дневна светлина и топлина во куќата.
Во оваа куќа е вграден и систем за собирање на дождовница, како и активен систем за третирање на отпадната вода која се претвора во сув биолошки компост и вода за наводнување. Природната вентилација во комбинација со системот за повраток на топлината и кровните соларни панели овозможуваат пасивно греење и ладење, како и загревање на водата во базенот. За изградбата на куќата се користени исклучиво локални материјали и работна сила за да се смали карбонското емитување, како и сите поврзани трошоци поврзани за изградбата на овој навистина преубав објект.