Французите со крупни чекори го освојуваат пазарот со евтина пасивна градба. Благодарејќи на компанијата PopUp House, изградбата на пасивни куќи или канцелариски простори никогаш не била поедноставна.
Овие соларно напојувани префабрикувани објекти се монтираат многу едноставно: панелите се редат еднонадруго како Лего коцки, а потоа со шрафови, со должина од 105 см и пречник од 8 мм, се прицврстуваат на своето место.
Материјалот за изградба е разградлив и може потполно да се рециклира. Сендвич-панелите се направени од висококвалитетно дрво и се исполнети со EPS (експандиран полистирен) изолација. Модулите, со димензија 2,5 x 1 x 0,3 метри, се многу лесни (30 kg/m3) па мајсторот може да ги носи во раце и да ги постави на местото определено со проектот.
Вака направената куќа не бара активно греење ниту пак ладење бидејќи е потполно пасивна. Благодарејќи на добрата изолација и големите соларни капацитети, ќе биде обезбедена пријатна температура во текот на целата година. Доколку се надогради со фотоволтаични панели и ветротурбини, оваа куќа ќе стане енергетски позитивна, што значи дека ќе произведува повеќе струја од што ѝ е потребно.
Колку чини изградбата на пасивна куќа
Куќата PopUp не е евтина за изградба но, сепак, е далеку поповолна отколку да се гради класична пасивна куќа. Во зависност од желбата на сопственикот, материјалот за изградба чини од 300 до 360 евра по метар квадратен. Градбата на оваа куќа е многу брза.
На однапред подготвен терен, потребни се само пет дена за де се подигне куќата од темел до покрив. Таа е многу приспособлива, така што желбите на сопственикот можат лесно да се исполнат. Покривот може да биде и кос и рамен. Ако е рамен, може да се направи зелен покрив.