Насловна / Вести / Пасаж Фест Нови Сад 2024: Креирање на простори за иднината

Пасаж Фест Нови Сад 2024: Креирање на простори за иднината

Во период од 30.08 до 01.09.2024 г, градот Нови Сад беше домаќин на третото издание на Пасаж Фест, настан кој обединува архитекти, урбанисти, уметници и ентузијасти за јавниот простор со цел да се промовира креативното користење на урбаните средини. Оваа година, главниот фокус и тема беше концептот „Правење места“ (анг. Placemaking).

Пасаж

Преку овој урбанистички концепт иницијативата “PSŽZJ22”, има за цел да го трансформира пасажот на улицата Змај Јовина во препознатливо место преку партиципативен процес и соработка со локалната заедница.

Перформанс

Во рамките на фестивалот, се организираа неколку културно едукативни настани: изложби на отворено, предавања, панел дискусии, работилници, театарски перформанси, музички перформанси и објавување на декларација за креирање на простори.

Перформанс

Фестивалот се отвори во петок, 30.08. со промоција на два мурали насликани по зидовите на пасажот, од страна на домашни уметниц кои на волонтерска база беа ангажирани од локалната заедница – жители на пасажот.

Милан Младеновиќ, ЕКВ

Првиот мурал е насликан во чест на музичарот Милан Младеновиќ, фронтменот на групата Екатерина Велика – ЕКВ, кој се состои од секвенци од најзначајните моменти на  музичарот, додека вториот мурал беше во согласност со насловот на фестивалот – „Некој не набљудува” (срп. „Неко нас посматра”), кој претставува авторска визија за интересот на набљудувањето. По отворањето на изложбата, следеше разговор и  дискусија со уметниците за влијанието на уличната уметност во заживувањето на градските простори.

Отварање на фестивалот

Мурал

Главен настан беше панел дискусијата на тема „Како да се создаде место?“ која беше особено едукативна и инспиративна, со говорници кои ги споделија своите искуства и идеи за тоа како јавните простори можат да се претворат во центри на социјална интеракција и културно богатство. Панелисти беа архитекти и урбанисти кои се занимаваат со концептот правење места (Placemaking) – проф. д-р Милена Вукмировиќ, претставник од меѓународната организација “Placemaking Western Balkans”, доц. д-р Дамјан Балкоски, од Факултетот за Архитектура при МИТ Универзитет Скопје, м-р Никола Митровиќ, истражувач на Факултетот за Архитектура при Универзитетот во Белград, м-р Дарија Драгојловиќ – организаторка на фестивалот.

Предавање на работилница

Вториот ден, во самиот пасаж на отворено, се одржа работилница со корисниците на просторот и претставуваше одлична можност за директна комуникација и размена на идеи меѓу локалните жители и експертите.

Панел дискусија

Ментори на работилницата беа д-р. Дамјан Балкоски и м-р Никола Митровиќ. Во текот на работилницата учесниците беа поттикнати да ги изразат своите идеи за тоа како пасажот може да стане пофункционален и пријатен простор за сите корисници.

Работилница

Најпрвин се одржа предавање за урбанистичкиот концепт правење места кое послужи како вовед и запознавање на учесниците со концептот и можностите за граѓански активизам во урбанизмот. Преку групни дискусии, учесниците идентификуваа клучни предизвици и можности во постоечкиот простор. Користејќи различни алатки за евалуација, на крајот беа развиени конкретни предлози за интервенции во просторот и трансформација на пасажот во културно уметнички простор преку целата година.

Работилница

Целиот фестивал беше организиран со голема посветеност и внимание од страна на организаторите на настанот. Успешноста на фестивалот беше дополнително засилена од активната вклученост на посетителите на настанот со што се создаде позитивна атмосфера на целиот настан.

Работилница

Концептот „правење места“ се фокусира не само на физичката трансформација на просторот, туку и на создавање на социјален и културен контекст кој ги обединува сите жители од сите возрасти. Преку партиципативен пристап, тимот на архитекти и урбанисти успеаа да развијат програми и акции кои ќе помогнат во обновување на јавната инфраструктура на пасажот и во подобрување на животната средина.

 

Фестивалот покажа дека ваквите настани носат во себе потенцијал да ги трансформираат урбаните простори и да ја зајакнат заедницата и поттикнат чувството на припадност и колективна одговорност.

Овој фестивал, традиционално трета година се одржува во Нови Сад и продолжува и наредната година со изнаоѓање на нови проекти за подобрување на просторот. Овој настан е пример кој може да се воведе и во Скопје, се разбира, со свои локални специфики затоа што се наоѓаме во период на припрема за најголемиот настан – Скопје 2028: Европски град на културата.

Автор: д-р. Дамјан Балкоски

(Специјално за Порта 3 од Нови Сад)

Фотографии: Стефан Стефановски и Давид Хрубик, Пасаж фест

Испрати коментар

Scroll To Top