Градскиот парк во Скопје се простира на површина од преку 480.000 м2 и е најголемиот парк од јавен карактер во државата. Своите први црти ги добил во ХIХ век. Паркот почнал да се гради од страна на скопскиот валија Мехмед Паша. Првичната местоположба на паркот била во делот околу ресторанот Кермес, а причината за тоа е фактот што во тоа време таа површина била гола, неуредна и често поплавувана од Вардар. Неговата форма била едноставна квадратна површина од околу 16.000 м2. Тоа претставува темел за понатамошно развивање на денешниот Градски парк.
По Првата светска војна, градот Скопје почнува повторно да се уредува. Во тој период со помош на австриски градинар е направено проширување на паркот во геометриски стил, каде фокусна точка претставувала голема фонтана. Во 1926 година, српскиот инженер Протиќ формира Управа со градско зеленило на чие чело раководи до 1940 година. Во тој период биле направени неколкукратни проширувања, а во 1941 година паркот ја добива својата конечна форма. Позицијата на паркот вдолж коритото на Вардар била со цел да се спречи поплавувањето од страна на реката, што било честа појава во тие години, како и да се спречи евентуалното урбанизирање на тој дел од градот или создавање на диви депонии.
По Втората светска војна повторно настапила стагнација во поглед на уредувањето и одржувањето на паркот. Во 1963 година следи земјотресот што го зафаќа Скопје, а последиците врз паркот биле непроценливи.
Во 1969 година за прв пат е изработен интегрален проект за Градскиот парк во Скопје.
Денес, Градскиот парк се простира на површина од околу 80 хектари. Целата површина може да се подели на три дела. Првата површина е делот каде што се ноѓал стариот парк, втората површина е всушност централниот дел од паркот и третата површина е лево од реката Вардар.
Флората што е составен дел на паркот се состои од приближно 1.500 иглолисни дрвја и 8.000 листопадни дрвја, 4.000 зимзелени грмушки и 13.000 листопадни грмушки. Од видовите дрвја кои се темели на вегетацијата на паркот може да се спомнат видови како: Platanus spp, Populus spp, Fraxinus spp, Pinus spp, Acer spp, Betula spp,Quercus spp, Salix spp и Tilia spp. Од грмушестата вегетација најзастапени се видовите од родот: Forsythia spp, Rosa spp, Spirea spp, Pyrocantha spp, Viburnum spp, Budleia spp, Lonicera spp и многу други.
Од фауната најчесто се среќаваат глодари, и тоа кртовите Tapa europаea и верверичките Sciurus vulgaris, кои поради нивниот мал број не претставуваат поголема опасност по здравјето на растенијата.
Во Градскиот парк се среќаваат најразлични елементи на парковската архитектура како што се пространите вештачки езерца во кои прекрасно се отсликува целокупниот пејзаж што ги опкружува, пешачките патеки и мостови, меморијални споменици, бисти, летниковци, фонтани, лавиринт, и сето тоа на паркот му дава посебна убавина.