Да, такво место навистина постои. Недалеку од Сомбор, во местото Раков поток на имотот на семејството Фрањо, се наоѓа зелено-бела оаза: тематски парк, парк на случувања и доживувања, наречен Парк на желбите. Кога на несекојдневните настани како венчавки, концерти или претстави би им додале соодветна природна сценографија, би требало да ги префрлиме во еден трансцедентален простор. Токму поради тоа, овој парк израснува во природен амбиент далеку од урбаниот градски контекст.
Авторите на овој проект, архитектите Маргита Грубиша и Ивана Жалац, покажуваат една поинаква визија за создавање на парк. Она што ги одвојува е фактот што природното кај нив станува натприродно, волшебно. Нивните растенија се бели, изработени од метал, извитоперени во висина како предимензионирано ливче од цвет, перфорирано со неправилни амебовидни форми, која ги чини овие елементи прозрачни и лесни како кај цветовите. Осветлувањето е во вид на расфрлани светлечки топки со различни димензии, како мултиплицирана месечина во тревата.
Групирани на одредени точки, елегантните форми прифаќаат различни функции. Така делот во близина на езерцето, кој создава природна сенка, станува сцена за венчавки, концерти или претстави, додека двете транслуцидни куполи во близина се алтернативен затворен простор во случај на временски непогоди. Но, паркот не е лишен од природното зеленило. Паркот е создаден како изненадување, скоро како уметничка инсталација, нагло и интуитивно, без разработени фази, како спонтан процес кој еволуира кај живо суштество. Како илустрации од некоја бајка, Паркот на желбите повеќе го темели своето постоење на доживувањето, на спонтаноста на магичниот миг отколку на материјалноста, затоа е омилено место на мештаните каде желбите навистина се исполнуваат.