Жителите на Париз ќе гласаат дали треба да се забрани работата на компаниите кои изнајмуваат електрични тротинети, изјави градоначалничката на Париз, Ан Идалго во интервју за викенд изданието на весникот Le Parisien.
Граѓаните на француската престолнина на 2. април на референдум ќе одговараат на прашањето: „Дали сте за тоа компаниите што изнајмуваат електрични тротинети да продолжат со работа?“
Станува збор за тема која екстремно ја дели јавноста, наведува Идалго.
Идалго изјави дека ја поддржува забраната, но дека ќе ја почитува волјата на мнозинството, додавајќи дека електричните тротинети во приватна сопственост „не претставуваат проблем“ за градот.
Многу граѓани на Париз се жалат дека возачите на електрични тротинети возат неодговорно, по тротоари и паркови, не ги почитуваат пешаците или сообраќајните прописи и ги паркираат тротинетите каде ќе стигнат или дури ги фрлаат во реката Сена, констатира градоначалничката.
Поддржувачите на изнајмувањето електрични тротинети нагласуваат дека тоа е еколошки транспортен систем, кој претставува алтернатива на возилата кои користат бензин или нафта и ја загадуваат животната средина.
Доколку граѓаните гласаат за забрана за изнајмување на електрични тротинети, Париз ќе стане првата метропола во светот што ќе донесе ваква регулатива.