Насловна / Вести / Париз тргнува во битка против градската бучава

Париз тргнува во битка против градската бучава

Pariz
Покрај тоа што влијае врз комфорот и квалитетот на живот, амбиенталната бучава е сериозен фактор на јавното здравје. Изложени на ниво на бучава кое ја надминува граничната вредност од 62 dB во текот на ноќта, 5% од парижаните се во опасност од сериозни нарушувања на сонот. Хроничната изложеност на бучава може да предизвика и кардиоваскуларни проблеми. Во Европа, според податоците од Европската агенција за природна средина, бучавата е предизвикувач на над 10.000 прерани смртни случаи годишно, при што околу 6.700 луѓе подлегнуваат на последиците од срцеви удари, додека 3.300 не успеваат да преживеат мозочен удар. Кога станува збор за финансиските трошоци, последиците по здравјето на луѓето предизвикани од сообраќајната бучава во Франција достигнуваат милијарда евра.

Дури 231.000 жители на Париз се изложени на ниво на бучава над 68 dB дневно, што е горна дозволена граница. Најпогодени се граѓаните што живеат долж најфреквентните сообраќајници во градот. Градското собрание на 16-ти март го разгледа планот за борба против бучавата за периодот 2015 – 2020 година, кој опфаќа 34 мерки и три фази: проценка, сензибилизација и акција.

Во фазата на проценка, зачестено ќе се мери бучавата на патиштата, ќе биде воведено мерење на нивото на бучава кое го генерираат мотоциклите, а секои две години ќе се спроведуваат анкети меѓу граѓаните. Сензибилизацијата ќе се спроведува во пошироката јавност, но и меѓу возачите на амбулантните, противпожарните и полициските возила, од кои ќе се бара поумерено да ги користат сирените. Планирано е и воведување на зони со „ограничен сообраќај“, во кои ќе биде ограничуван пристапот на сите возила кои се големи загадувачи, а ќе биде  воспоставена и зона резервирана само за пешаци, велосипедисти и јавен превоз.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top