Електричните тротинети кај нас од ден на ден добиваат се повеќе приврзаници. Од друга страна пак, Парижаните имаат можност да изнајмат околу 20.000 електрични тротинети. Услугата за нивно изнајмување се нуди преку вкупно 12 старт-ап компании, што е повеќе отколку во САД.
Но, поради непостоењето на регулатива во оваа област, градските тротоари во Париз станаа борбена арена помеѓу возачите и пешаците. Голем број граѓани пријавиле повреди. Надлежните предупредуваат дека ќе стават крај на оваа сообраќајна анархија. Со поддршка на полицијата, градоначалниката на Париз, Ан Идалго сака да воведе ограничувања на брзината на електричните тротинети на максимум 20 km/h, односно 8 km/h во подрачјата со густ сообраќај. Исто така ќе се донесе и забрана за паркирање на тротинетите било каде вон означените простори.
Одредени мерки во оваа насока веќе стапиле на сила. За движење по тротоар, возачите на електрични тротинети се казнуваат со 135 евра, а за пречење на пешаците со погрешно паркирање со казна од 35 евра.