Насловна / Вести / Париз потроши 1,5 милијарда евра за да ја исчисти Сена за Олимписките игри. Дали успеа во тоа?

Париз потроши 1,5 милијарда евра за да ја исчисти Сена за Олимписките игри. Дали успеа во тоа?

Дали Сена е безбедна за капачи? Неизвесноста околу ова прашање траеше не само до почетокот на Олимписките игри во Париз, туку и непосредно пред одржувањето на натпреварите во триатлон. Пливачката трка во триатлон беше одложена, затоа што испитувањата покажаа дека квалитетот на водата во реката не го достигнал потребниот стандард. Трката се одржа по два дена, па многумина се прашуваа како тоа Сена се исчисти за еден ден. За среќа на организаторите немаше промена на планот.

Триатлонот се одржа како што беше замислено – во Сена. Но, на жал за спортистите, повеќе натпреварувачи се пожалија на здравствени проблеми непосредно по трката, двајца учесници на триатлонот завршија и во болница, па останува дилемата – навистина ли вродија со плод екстремно скапите напори на надлежните да ја исчистат Сена, или пак некои работи останаа премолчени за да се спаси настанот? После неколку откажувања на тренизни и маратонот се реализираше во Сена, иако некои спортисти се откажаа по консултации со лекар. Во продолжение Ви презентираме колку е стара идејата за чиста Сена, како е спроведена сложената операција на чистење и конечно, постигнатите ефекти.

ПРВ ПАТ ЕДНА УРБАНА РЕКА СЕ КОРИСТИ ЗА ПЛИВАЧКИ НАТПРЕВАРИ НА ОИ

Осум години откако градските власти на Париз најдоа решение еднаш и засекогаш да ја исчистат Сена, и конечно да прогласат победа над ешерихија коли и на другите опасни бактерии за капачите, токму триатлонот на Олимписките игри беше избран да ја покаже Сена во новиот сјај. Со тоа, за прв пат една урбана река се користи за пливачки натпревари на Олимписки игри, уште од нивното „оживување“ во 1896 година. Се разбира, ваквиот потег секој би го оценил како нереално амбициозен, имајќи предвид дека капењето во Сена е забрането уште од 1923 година – повеќе од еден век.

Сена, јули 1941 г.

Исто така, чистотата на оваа река во голема мера зависи од временските услови. Во случај на невреме, мешавина од дожд и отпадни води навлегуваат во Сена. Реката со векови е третирана како одвод на отпадни води, па надлежните меѓу другото се надеваа и на суви летни денови.

Веднаш по натпреварите во триатлон, поточно на 4-ти август, една белгиска репрезентативка е примена во болница, а уште неколкумина се пожалиле на гастроинтестинални инфекции.

Но, како и да е, се чини дека сликата која веќе го обиколи светот, а на која спортистите скокаат во Сена под велелепната сцена на која се видливи Ајфеловата кула и Нотр Дам, означува победа за градоначалничката од редовите на француските социјалисти Ан Идалго, која во предвечерјето на игрите и самата се капеше во Сена, за да му ја претстави на светот победата на својата проеколошка агенда.

Но, јавноста со право се прашува дали сето ова вредеше за цената што е вложена? Особено поради фактот што дождот често го влошува квалитетот на водата во Сена, како резултат на преоптоварување на атмосферската канализација. Инвестицијата или трошокот како сакате, се неверојатени – 1,5 милијарди евра. Со тие средства Париз ги презеде следните мерки:

  • Изградба на инфраструктура/резервоар под Железничката станица Gare d’Austerlitz со капацитет да собере 50.000 кубни метри вода при обилни дождови, која ќе биде испумпана назад во канализациониот систем кога ќе се создадат услови.
  • Пречистителната станица, која Макрон ја отвори во април, чини повеќе од 53 милиони евра. Нејзината главна технолошка иновација лежи во присуството на околу 100 ултравиолетови светилки за добивање 99,9 отсто чиста вода, без бактерии.
  • Ревизија и целосна реконструкција на процесот на третман на отпадните води во регионот. Јужно од градот е изградена нова линија долга 8,8 километри за подобрено зафаќање и третирање на отпадните води.
  • Субвенции и кампања за подигање на јавната свест за охрабрување на околу 10.000 рурални домаќинства да престанат со испуштање на отпадните води директно во реката наместо во канализацискиот систем, како и многу други мерки.

ДАЛИ СЕТО ОВА ВРЕДЕШЕ И ДАЛИ ДАДЕ ЕФЕКТИ?

Меѓу сите овие информации, јавноста е љубопитна дали чистењето на Сена е нова идеја? Не, тоа воопшто не е нова идеја. Уште во времето на мандатот на Жак Ширак како градоначалник на Париз, постоела идејата Сена да биде безбедна за капење. Ширак ветил чистење на Сена, но проектот бил во фиока со децении. Идејата испливува во програмата за самата кандидатура на Париз за домаќин на овогодишната Олимпијада, како начин на кој градските влсти ќе докажат и покажат дека кандидатурата ќе донесе благосостојба за жителите на „Градот на Светлината“.

Работите за санација започнале веќе во 2016 година. Во 2017, градот отвора неколку места за капење долж исчистената источна мрежа од канали кои се влеваат во Сена. Во меѓувреме, градот се обидува да го врати духот на крајбрежјето, познатото les quais, како отворен и жив јавен простор. Од 2007 година на избрани локации е поставуван песок и лежалки за да се креираат градски плажи. Но и покрај јасно добрите намери, огромниот труд и заложби, и секако сериозните финансии, главното прашање е „дали сето ова вредеше и дали даде ефекти“? Не во целост. Париз веќе има искуство од минатото за тоа колку е тешко да се одржува чиста водата во Сена. Споменатите места за капење во источниот дел, во претходниот период, биле често затворани поради влошен квалитет на водата, односно присуство на бактерии.

Во предвечерјето на Олимпијадата, дождовите повторно го влошија квалитетот на водата, така што тесна беше линијата меѓу триатлон во Сена и модификација на натпреварувањето. Ниту новата инфраструктура не беше доволна да го превенира присуството на бактериите, кои за жал на дел од триатлонците им донесоа здравствени проблеми. Кога станува збор за трошоците, многумина се сложуваат со фактот дека се превисоки за целта која (не)е постигната и дека некои други аспекти и потреби во контекст на организацијата на Игрите биле занемарени на сметка на овој приоритетен проект.

Сепак, и најголемите критичари признаваат дека чистењето на Сена му помогна на Париз да се етаблира како нова престолнина на одржливоста – место каде автомобилите им отстапуваат простор на велосипедите и на пешаците, а бројни асфалтирани и поплочени површини се трансформираат во зони во зеленило и дрвореди. За тоа дека одржливоста е вткаена во мисијата и во визијата на настанот, почнувајќи од самата градба на објектите за Олимпијадата, односно можноста за нивна демонтажа и релокација, до општата посветеност на што понизок јаглероден отпечаток, веќе доста е пишувано и кажано.

Испрати коментар

Scroll To Top