Париз и Лос Анџелес се следните градови домаќини на Олимписките игри, откако Меѓународниот Олимписки комитет MOK (IOK International Olympic Committee) го заврши своето анонимно гласање за домаќини на игрите во 2024 и 2028.
Сепак, останува на маса одлуката за тоа кој град во која година ќе ја има честа да ги пречека олимпијците. Таа одлука МОК ќе ја донесе на конференцијата во Лима на 13 септември, а во соработка со официјалните претставници на двата града домаќини, градоначалничката на Париз Ан Идалго и градоначалникот на Лос Анџелес Ерик Гарсети. Во соопштението од МОК се вели дека се работи за два исклучителни града со извонредна понуда за организирање на вакви големи настани.
Кампањите за кандидатуритe и на двата града беа фокусирани на искористување на постоечката инфраструктура, со оглед на фактот дека Игрите во Рио и Атина прокнижија огромни трошоци за нови инвестиции во објекти кои веднаш потоа беа напуштени и осудени на негрижа и пропаѓање.