Жешка тема на општинските избори во Париз се паричните казни за прекршителите на комуналниот ред. Во текот на својот петгодишен мандат, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, вложуваше напори за прилагодување на градот кон потребите на современиот живот на граѓаните, но и во областа на заштитата од климатските промени. За својот потенцијален втор мандат, таа нуди продолжение на трансформацијата на француската метропола и ветува „еколошки и обединет проект кој ќе ги има граѓаните во средиштето на интересот“.
Често критикувана поради недоволно видливите резултати во однос на решавањето на нечистотијата на париските улици, таа предлага именување на „управник за чистота“ во секој арондисман, кој ќе биде одговорен за акциски планови буквално за секоја улица. Исто така, Идалго планира да влијае врз измени ан законот со цел да ги зголеми паричните казни за неодговорно однесување на граѓаните. „Сакаме да ја зголемиме паричната казна за неодговорно фрлање на отпушоци од цигари и сличен отпад на 150 евра (досегашната казна е 68 евра), потоа да воведеме казна од 500 евра за непрописно одлагање на кабаст отпад и казни од неколку илјади евра за посериозни прекршоци“ објаснува Идалго. Нејзиниот противкандидат Бенжамин Гриво, тврди дека таа „дефинитивно е оттуѓена од своите сограѓани и не ги препознава нивните реални потреби“. „Нејзината изборна програма е нереална и ќе претставува дополнителен трошок од 6 милијарди евра, што значи оптеретување за дополнителни илјада евра годишно за секое домаќинство,“ вели Гриво.