Понекогаш некој град ми се појавува сосема неочекувано во ноќта кога најмалку го очекувам?!? Има моменти кога некој од нив тивко се буди во мене. Неочекувано мe посетува, како да сака да предизвика мечтаења, предизвик за патување, некогаш можеби и предвреме!?
Градовите се живи и мирисаат на време. Понекогаш имаат вкус на вода, на море и сол. Многу често се престоруваат во нешта кои не секогаш можам да ги разберам. Нештата се движат вообичаено ноќе, спуштајќи се во мојот незаборав по невидливи бели скали и тивко се провлекуваат низ отворениот прозорец покрај кој спиjам. Тие сами го наоѓаат патот до мене. Ми се случува тоа само во соништата.
Се разбудив една топла ноќ и го почувствував повикот на морето. Ми требаше море. „Ајде, сакам некаде да одам, време е!“, си реков. Сакав само море, узо и риба на скара. И капење и ѕвездено небо и месечина која се огледува во морето. И така се возев една јунска ноќ на запад, кон јонскиот брег на Грција. По неколку часа возење на југ еве ме во Парга.
Се спуштам надолу, по стрмниот пат кон морето. А наоколу продавници, ресторани и хотели меѓу дрвјата од маслини од двете страни на патот. Стигнувам долу, до самото море. Парга е вгнездена во ридовите на планините Пиндос, обвиткана со гребени и со ’ртови, и прекриена со маслинови дрвја. Од југоисток кон северозапад, мали заливчиња, а потоа плажата Крионери во самиот град.
Парга и островчињата околу неа утврдени се прво од Венецијанците, а потоа и од Наполеон. Венецијанската архитектура се меша со традиционалните грчки куќи, а поплочените со калдрма кривулести улички те искачуваат до убавата норманско-венецијанска тврдина. Жителите на Парга ја направиле да се заштитат од пиратите, и особено од турскиот освојувач Хајрудин Барбароса. Неколку пати е рушена, а ја обновиле Венецијанците кои ја користеле скоро 300 години.
Тврдината е прилично запоставена, што ја прави автентична и интересна. Ѕидините се обраснати со растенија и со трње. Патот до неа води низ главната трговска зона, каде што се продава сè и сешто, од свежо печен леб, колачи, овошје и риба, до сувенири, антички вазни, има и козметички салони, како и многу продавници за облека и што ли уште не!
Во Парга има уште една тврдина, многу помала и се наоѓа на малиот остров педесетина метри од главната плажа. До неа можете да пливате или да одидете со чун. На островчето се наоѓа и мала бела црквичка. Убава е, наликува како сцена за снимање на некое следно продолжение на филмот „Мама миа“.
А долу покрај морето многубројни таверни и ресторани, со келнери кои ве повикуваат да ги посетите. Од долгата, популарна плажа Валтос се гледа друга тврдина, тврдината на Али Паша. Многу нешта сум видел и во други грчки градови. Но, посебноста на овој град е во магијата што ја предизвикува за оној кој во него ќе пристигне во една јунска вечер како мене.
Денот се зголемува, низ кривулестите улички на ридестиот град гледаш како се палат разнобојните улични светилки, кои своите одблесоци ги праќаат долу кон синилото на морето кое почнува да темнее, а водата дополнително ја прекрива светлината на полната месечина.
И кога уште уличната светлина ќе се помеша со мирисот на колачи од пекарницата отспротива како и со некои други познати и непознати мириси, и кога одненадеж ќе слушнеш од некаде, од некоја тераса со поглед кон морето, како некоја жена извикува нешто по некого на грчки, што мене ми личи на копнеж за нешто, да, тоа е посебноста на Парга. Наместо со аплауз и извик браво, ја честам Парга со голема прошетка по непознатите и кривулести улички, кои ме носат час угоре, час удолу. Најпосле мојот сон стана јаве. Што ли чекав досега?
Наутро и приквечер е најдобро време за шетање. Преку ден е премногу топло, а тогаш сите се на некоја преубава плажа. Покрај Крионери тука се и прекрасните плажи Валтос, Саракинико и Лихнос, како и Агиос Гианакис на пат спрема Превеза, како и дивата Агиос Состис до која се доаѓа со некое бротче.
Додека шетам по лицето ме милува чинам, најнежниот ветер исполнет со мирисот на морето. Моите нозе и овој пат издржаа. Парга е еден од помалите приморски градови на Јонското Море. Има само 2 500 постојани жители, но летно време има многу туристи и со својот шарм го освојува секој посетител. Наликува помалку на нашиот Охрид. Таа е многу раздвижено место. Туристите доаѓаат и си одат, маслинките растат, а наоколу се градат непрекинато нови вили, хотели и ресторани.
Ноќта полека, долго и тивко паѓа, како и во сите приморски места. Уште еден празник за очите и душата, а зајдисонцето и црвената боја на небото дури сега го разубавуваат пристаништето и целата област наоколу. Сè започнува да вибрира од убавина и од светлина. Зарем не сум делумно опиен од убавината на градот, додека пијам вино и пишувам песна посветена на една моја љубов со која баш посакував да бидам тука? Мислам дека во тие моменти како сите мои емоции да се проширија низ заливот и куќите по ридот, се разлеаја како и боите на овој град. Парга во ноќно и летно издание изгледа едноставно магично.
Шетам по уличките со мислите бог знае каде отиден. Ми се чини како духовите на околните куќи да не се смируваат. Се испреплетуваат и се обидуваат да ми направат стапица. Стапицата за изгубениот и љубопитен дојденец штотуку е направена! Како да ме стиска сè повеќе и повеќе и ме затвора во нејзиниот шарен обрач, составен од лавиринт од бои. Во околните куќи се губат небото и сонцето, а секој ѕид на неразбраната и сурова судбина на Парга ја убива слабоста на моите чекори.
И наеднаш добивам желба да им завидувам на оние кои во овој момент помислуваат дека веќе доживеале некоја слична вечер и дека тогаш биле среќни. Кога се разбудив тоа утро, долго ги броев часовите мислејќи на Парга, сеќавајќи се на сликите од ноќта. Поминаа многу денови, а богами и години, чекајќи го вистинскиот момент кога конечно ќе ја видам со отворени очи. Пред уште една нова зора, немав поим дека токму тогаш Парга беше најубава.
Би можел да останам долго тука, но единствениот непријател на сите патувања е секогаш сопствениот паричник кој никогаш не е доволно длабок за моите потреби, а и цените тука се повисоки одошто кај нас. Убавината на Парга и околината ме вметна во својата машина и целосно ме испреврте. Со Парга сè е можно. Не е едноставно да се прераскаже и со фотографии да се претстави. Ова е можеби некаков мој обид. Парга во летно време е место во кое не можеш да бидеш тажен. Успев некако, после петнаесетина дена да излезам од тука. Седнав во автобусот за Скопје, се враќам дома.
Автор: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.