Еден дизајнер од Амстердам предложил поставување на „паметни“ куќички за птици кои на граѓаните ќе им овозможуваат бесплатен ви-фи сигнал, но само кога воздухот е чист. Куќичките наречени Три Ви-фи, барем во почетокот нема да бидат засолниште за птиците, туку ќе бидат опремени со сензори за мерење на квалитетот на воздухот во градот.
Овој предлог доаѓа во време кога нивото на загадување на воздухот во делови на Амстердам понекогаш ги надминува дозволените вредности пропишани со стандардите на Европската Унија.
На овој начин, квалитетот на воздухот во Амстердам, поточно онаму каде ќе бидат поставени овие куќички, ќе биде не само мерлив преку соодветните уреди како досега, туку и реално претставен токму преку достапноста до Интернет.