Како да се креираат повеќе паметни енергетски региони, беше тема на настанот што го организираше Европската комисија преку Центарот за заедничко истражување (JRC – Joint Research Center), а во соработка со Институтот за технологија во Карлсруе (KIT – Karsruhe Instutute of Technology). Во текот на два дена (4 и 5 јули 2016) на агендата се најдоа бројни примери на имплементација на паметни енергетски решенија. Градоначалникот на Карлсруе активно присуствуваше и дебатираше на настанот, а не само протоколарно како што налагаат обврските.
Токму затоа, не е случајно што овој човек, инаку лекар по професија и член на Социјалдемократската партија во Германија, и кому ова му е втор мандат на чело на градот, е претседател на Индустриско-технолошкиот регион Карлсруе, кој не е ограничен само на овој град туку на поширока област во сојузната држава Баден Виртемберг, една од најбогатите во Германија.
Како научен центар на Европската комисија, мисијата на JRC е да ги поддржува европските политики преку независни и научно базирани проверки во текот на целиот циклус на креирање на политиките. Неговата работа има директно влијание врз животот на граѓаните насекаде низ Европа, на тој начин што преку своите научни истражувања придонесува за здрава и безбедна животна средина, сигурно снабдување со енергија, одржлива мобилност и сл.
Се работи за над 50-годишно научно искуство концентрирано во пет научни центри низ Европа (Петен – Холандија, Геел – Белгија, Испра – Италија, Севилја – Шпанија и Карлсруе – Германија), со извонредни услови и најмодерни лаборатории.
На настанот присуствуваа претставници од 20 земји членки и кандидати. Се разбира, за земјите кандидати настанот беше одлична можност за учење и спознавање на искуства, но и благо разочарување гледајќи го начинот на кој работат креаторите на политиките во развиените земји – граѓанинот и доброто на заедницата на прво место. Создавањето нови компании, особено старт-ап компании веќе не е никаква новост. Прашањето е колку новите компании ќе бидат одржливи и иновативни, и колку ќе придонесат за општото добро преку заштеда на ресурси, заштита на животната средина и сл.
Но, што е по дефиниција „паметен енергетски систем“ како предуслов за создавање на „паметни енергетски региони“? Единствено е точно дека не постои прецизна дефиниција за овие термини, но генерално „паметниот енергетски систем“ е економичен и ефикасен, одржлив и сигурен. Тоа е систем во кој производството на енергија од обновливи извори е приоритет, и во кој е воспоставена интеграција и координација меѓу производството, инфраструктурата и потрошувачката преку енергетски услуги, активни корисници и модерни технологии.
Енергијата е меѓу највисоките интереси на земјите членки и регионите посветени на S3 Платформата за специјализација за паметни системи (S3 Platform on smart specialisation). Целта е изработка на национални стратегии (на национално и регионално ниво) во насока на изградба на компетитивна предност преку развој и споредба на истражувања и иновации, развивање на бизнис иницијативи, посочување на можностите на пазарот, со избегнување на непотребно удвојување и фрагментација на трудот. Овој документ треба да биде дел од националните Стратегии за истражување и развој. Во оваа насока, мора да се спомене растечкиот предизвик за имплементација на овие стратегии со користење на соодветни методологии за развој, бенчмаркови, меѓународна и меѓурегионална соработка и заемно учење.
Една од задачите на JRC во контекст на оваа Платформа е обезбедување научна поддршка во креирањето, евалуацијата и мониторирањето на реализацијата на Акционите планови за одржлива енергија (Sustainable Energy Action Plans – SEAP), кои произлегуваат од иницијативата „Повелба на градоначалниците“ (Covenant of Mayors initiative) која датира од 2008 година.
Меѓу останатите и Град Скопје е потписник на оваа Повелба и има подготвен SEAP од април 2011, со кој се обврзува до 2020 година да ја намали емисијата за најмалку 20%. Во прв ред фокусот е ставен на имплементација на одржлив транспорт и мобилност, како и имплементирање на енергетски ефикасни мерки, првенствено во јавните објекти (Документот може да го погледате на следниот линк: http://www.skopje.gov.mk/images/Image/SEAP%20Skopje.pdf).
Но, колку од овие цели се навистина преточени во политиките на Градот, останува отворено прашање, особено поради фактот што со години наназад не се стимулираше обновата на возниот парк во делот на патничките автомобили (напротив, по 2010 се случи масовен увоз на половни возила со исклучително лошо ниво на емисии) , нема ниту „т“ од најавата за трамвај или друг одржлив концепт на јавен транспорт, а јавното сообраќајно претпријатие се поднови со автобуси со дизел мотори со стандард еуро 4. Само за илустрација, Загреб, Белград и Софија веќе воведуваат електрични автобуси и хибриди.
За енергетската реконструкција на јавните објекти, пак, доволно говори податокот дека Хрватска со 10 милиони евра реконструирала или е во процес на реконструкција на 90 згради. Колку се потроши кај нас само за преслекување на објектите во барок, неретко и само на предните фасади, е добро познато на јавноста, но останува непознато со колкави енергетски заштеди ќе се пофалат тие објекти по реконструкцијата.
За Европа евидентна е беспрекорната соработка помеѓу академската заедница, компаниите, локалната и централната власт. Целта е да се промовираат најдобрите идеи, да се реализираат најдобрите решенија и да се обезбеди највисок можен квалитет на живот за граѓаните.
Да се тргне од потребите на граѓанинот, е мотото на градоначалникот на Удине, проф. д-р Фурио Хонсел, математичар и поранешен ректор на Универзитетот во Удине, човек кој своето научно знаење го користи во креирањето политики за подобар град. Преку своите научни истражувања тој дошол до заклучок дека меѓу најзначајните нешта за граѓаните е нивото на квалитет на живот изразено преку повеќе индикатори, а особено преку должината на животниот век. Јасно, секој сака да живее долго. И уште појасно е дека последново не е можно во средина каде воздухот е загаден, храната не е квалитетна, нема доволно зелени површини, и не се обезбедени услови на комфор (на микро ниво и на ниво на самиот град). Тргнувајќи од оваа позиција, со своите политики градските власти навистина успеале да го подобрат квалитетот на живот во овој град, а професорот градоначалник тоа го претстави квантифицирано и прецизно преку математички модел.
Д-р Мартин Савилион од Агенцијата за енергија и заштита на климата на Баден Виртемберг, преку својата презентација имплицитно одгатна зошто оваа држава е најбогата во Германија. Баден Виртемберг има најгуста мрежа на т.н. канцеларии за енергија на ниво на Европа, кои работат под координација на споменатата Агенција за енергија и заштита на климата на Баден Виртемберг. Се обезбедуваат грантови за различни проекти преку кои се намалува емисијата и потрошувачката на енергија, се градат нови обновливи извори и се промовира користењето на биомаса, особено во руралните подрачја (еко села). Плановите за енергетската иднина на Баден Виртемберг до 2050 година се исклучително амбициозни: 50% намалување на потрошувачката на енергија, 80% удел на обновливите извори на енергија и 90% намалување на емисијата на CO2.
Имајќи предвид дека Агенцијата постојано и интензивно работи на едуцирање, мотивирање на сите засегнати страни, несомнено овие планови нема причина да не бидат остварени.
И повторно, сосема за крај да се вратиме на нашата реалност. Примерите за тоа како работи и како се однесува развиениот свет, мора еднаш засекогаш да ги прифатиме како добра практика. Учеството на повеќе засегнати страни, повеќе чинители, професионалци од различни области, спротивставување на различни мислења и сл., значи квалитет во донесувањето на одлуките и креирањето на политиките. Во спротивно, сите планови и програми и понатаму ќе се прават само за да се задоволи некаква форма, а проектите што се реализираат и понатаму ќе бидат само одраз на интересот и потребите на одредена елита. И се разбира, и понатаму нема да имаат ништо заедничко ниту со одржливоста, ниту со концептот на паметни енергетски системи.