Во реномираниот дел на Белград, Дедиње, се наоѓа еминентна и од многу аспекти единствена културна институција – Палатата на уметност „Мадлена“.
Палатата е изградена како филантропски проект на семејството Цептер, претставува придонес за српската култура, комбинирајќи го личниот ентузијазам на г-ѓа Мадлена Цептер и талентот на надарени уметници од различна провениенција.
Палатата на уметност од 7.000 квадратни метри е како нов храм на културата за сите видови уметност, од реализација на изложби, камерни концерти и претстави, филмски проекции…
Проектанти на овој објект на четири нивоа кој е полн си колекција на мебел на брачниот пар Цептер, се архитектите Зоран Алексиќ, Зоран Симиќ и Владан Ѓукиќ.
Содржината на Палатата „Мадлена“ е хармонична симбиоза на сталната музејска поставка – Музејот на антиквитети и големата Галерија – простор предвиден за современа изложбена активност со истражувачко-авангарден потенцијал и гламурозна камерна сцена инкорпорирана во централната галериска одаја.
Фоајето на Палатата воведува во Музејот низ светот на ориенталната уметност, во кој е оживеана средбата на древните цивилизации од Далечниот Исток – Кина и Јапонија. Сензибилитетот на овие култури е овековечен во перфектна изработка на порцелански предмети, филигранска обработка на фигурини од слонова коска и благороден метал, прецизно резбано дрво, скулптурно обликуваниот камен и декорација на свилени ткаенини.
Во продолжение, движејќи се кон повисоките нивоа на зградата на Музејот, се влегува во простор во кој доминира културното наследство на Европа, насочувајќи кон безвременската вредност на мебелот во класичен стил, кој ја отсликува префинетоста на ентериерот на Палатата, изложен во 18 соби, два салони и библиотека.
Класичните и внимателно избрани експонати го откриваат наративот на секој артефакт поединечно, бидејќи музејскиот простор зрачи со реткости од различни векови и земји.
Стилските карактеристики на секоја ера будат сеќавање на значајни историски личности, додека уметничкиот придонес на вештите мајстори го открива вкусот на тогашната елита, како и влијанијата кои доаѓаат од другите култури. Колекцијата на музејски антиквитети е надополнета со бројни примери на применета уметност на барокна и рококо естетика, кои живеат во луксузен мебел во стилот на француските кралеви.
Палатата е опремена и со импозантна библиотека која содржи повеќе од 5000 книги од областа на различни ликовни и применети уметности, музика, фотографија, театар, филм, етнологија. Тука се наоѓа и фонд на прирачници, кои сочинуваат збирки речници и енциклопедии, антологии, каталози и списанија.