Зградата во центарот на Букурешт во која се сместени Сенатот и Парламентот на Романија, е најголемата управна зграда во Европа. Таа е втора по големина зграда од овој вид во светски рамки, веднаш по зградата на Пентагон.
Но, за тоа колку навистина се колосални нејзините димензии, зборува една интересна случка. Имено, пред неколку години еден српски турист се загубил во оваа зграда, а обезбедувањето успеало да го пронајде дури по 14 часа интензивна потрага. Звучи неверојатно, но кога ќе го сфатите размерот на оваа градба – симболот на диктатурата на Чаушеску, лесно е да се поверува дека случката со туристот не е „рибарска приказна„ на локалните туристички водичи.
Се работи за град во градот. Зазема површина од 350.000m2, односно има 1.100 простории распоредени на 12 ката. Тоа се катовите над површината. Под површината официјално има уште шест ката, но се зборува дека се можеби седум. И многу други бројки поврзани со оваа градба и понатаму се нецелосно познати за јавноста. Така на пример, никој не знае прецизно колку чинела изградбата. Она што денес е познато, е дека Палатата на парламентот годишно заработува над 3 милиони евра, бидејќи дневно ја посетуваат повеќе од 1.000 туристи. Секое фотографирање посебно се наплатува, а телевизиските екипи доколку сакаат да ја снимат внатрешноста на градбата треба да платат 5.000 евра за еден час. Високи сводови, долги завеси до 16 метри, кристални лустери тешки по неколку тони…
Но, мермерот е посебна приказна. Бидејќи Чаушеску сакал целата зграда да биде исклучиво од домашни материјали, целиот мермер кој е ископан во Романија во текот на 80-тите години е вграден во објектот. Било дури и противзаконско да се користи за други намени. Се зборува дека со оваа постапка целосно се исцрпени наоѓалиштата на розевкастиот мермер во Романија, и геолошката карта на земјата е засекогаш променета. Но променета е и картата на главниот град. За потребите на изградбата на објектот, раселени се 9.000 семејства и срушени се објекти на површина од шест квадратни километри, со цел да се обезбеди простор не само за Палатата туку и за пратечки содржини меѓу кои и копија на Елисејските полиња во Париз.
Меѓу позначајните објекти кои се срушени во оваа акција се еден стадион, неколку болници и над 20 цркви и синагоги. Директно во изградбата учествувале дваесет илјади работници, како и милион и пол индиректно во различните индустрии. Наместо за 500 денови колку што Николае планирал да трае изградбата, зградата е завршена за подолго од 10 години.
Брачниот пар Чаушеску не го доживеа завршетокот на изградбата. Во 1989 година кога во текот на Револуцијата се убиени, завршени се 2/3 од објектот. Новата власт се соочува со прашањето – што понатаму со оваа зграда? Од идејата да биде уништена со динамит брзо се откажале поради превисоката цена, па истата е довршена.
Палатата денес особено за младите романци, се помалку е симбол на комунистичката епоха. Најчесто тие се горди на колосалноста на градбата, големиот број туристи и фактот дека кој и да ја градел големо достигнување е да се биде веднаш зад Пентагон.