Според годишниот извештај на Советот за високи згради (CTBUH), во текот на минатата година изградени се 106 згради високи над 200 метри, додека во 2019 година тој број бил 133. Минатогодишниот број на облакодери е најмал од 2014 година, кога на годишно ниво во светот биле 105.
Намалениот број на изградени облакодери во светот во текот на изминатата година, овој советодавен одбор го припишува на влијанието на панемијата на коронавирусот на инвестициите.
„Глобалната пандемија го зафати уште првиот квартал од годината, голем број на проекти низ целиот свет, кои беа во различни фази, беа запрени кога стапија на сила ограничувањата за собирање. Затоа, не е изненадување што 2020 година донесе 27 помалку завршени згради повисоки од 200 метри во споредба со претходната година, што е пад од 20 отсто“, се наведува во извештајот на одборот.
Central Park Tower, Њујорк
Највисоките облакодери во 2020 година
Минатата година беше прва од 2014 година во текот на која не беше изградена ниту една зграда повисока од 500 метри, а кулата Central Park Tower, проект на Adrian Smith + Gordon Gill, со висина од 472 метри е највисокиот облакодер изграден во 2020 година.
Исто така, ова е првпат почнувајќи од 2014 година, највисокиот изграден објект да не е во Кина, па дури ни втор по ред, бидејќи облакодерот One Vanderbilt, висок 427 метри, исто така се наоѓа во Њујорк.
One Vanderbilt, Њујорк
И покрај тоа што половина од облакодерите минатата година се изградени во Кина, сепак тој број е значително помал во споредба со 2018 година, кога во оваа земја беа изградени 92 згради повисоки од 200 метри. По Кина, минатата година највеќе облакодери се изградени во Емиратите, каде се евидентирани 12 згради, а потоа следат САД со 10 и Велика Британија со пет.
Влијанието на Брегзит
Интересно е што голем број облакодери со висина над 200 метри беа изградени во Велика Британија, во годината на Брегзит, кога Британија се движи кон финализирање на излегувањето од Европската Унија, што предвидува намалување на побарувачката за деловен простор.
„Лондон заврши само пет такви згради во својата историја, и тоа никогаш повеќе од една во една година“, се вели во извештајот.
Според истражувањето на CTBUH, идентификувани се најмалку девет проекти кои не се завршени под влијанието на пандемијата и се верува дека оваа бројка е значително поголема.
Сепак, се наведува дека минатата година била втора по ред во која се бележи пад на бројот на изградени облакодери високи над 200 метри, па може да се претпостави дека пандемијата не е единствената причина.
Twin Towers, Guiyang, Кина
Раст во 2021 година
И покрај минатогодишниот пад, CTBUH предвидува дека меѓу 125 и 150 нови облакодери ќе бидат завршени во 2021 година. Меѓутоа, тие предупредуваат дека по оваа година, би можело да дојде до намалување на завршени објекти од ваков вид, дури откако влијанието на пандемијата на економијата ќе стане очигледно.
„Бидејќи периодот на изградба на високи згради често заостанува зад економските показатели, останува да видиме дали ќе се појават некои други влијанија кои би можеле да имаат влијание врз изградбата на облакодери. Мораме да имаме во предвид дека економската криза од 2008 година не влијаеше на изградбата на облакодери се до 2010 и 2011 година“, наведуваат во CTBUH.