Насловна / Вести / Пациентите кои доаѓаат кај стоматолог може да се чувствуваат удобно

Пациентите кои доаѓаат кај стоматолог може да се чувствуваат удобно

Нема сомнение дека за повеќето од нас, столот на кој не би сакале да седиме е оној во стоматолошка ординација. Сепак, одењето и престојот во стоматолошката ординација не мора да биде толку стресно и страшно, а верувале или не, само благодарение на добро уреден ентериер. Овој ентериер треба да ве асоцира на нешто убаво, да го направи вашиот престој на стоматолог пријатен и да ви даде чувство на сигурност.

8

Бидејќи одењето кај стоматолог може да претставува стрес, со цел да се ублажи стравот и одбивноста на голем број луѓе кон стоматолозите, особено внимание посветивме на дизајнот на ентериерот во стоматолошката ординација на доктор Камчев во Кавадарци.

1

Ординацијата е со површина од 300 квадратни метри сместена во приземје на станбено- деловен објект. Содржи три ординации со стоматолошки столови, една операциона сала со предоперационен простор, лабораторија, гардероба за вработените и докторска канцеларија.

11

Со цел да се ослободат пациентите од страв уште во чекалната, важно е таа да биде добро уредена, односно со својата удобност и амбиент да го направи престојот пријатен и релаксирачки. Добро испланираната и уредена стоматолошка ординација обезбедува удобност за вработените и безбедност за пациентите. Бојата на sидовите има посебно место бидејќи може многу да помогне во одржувањето позитивен став што е многу важно за пациентот. Бојата на sидовите во ординацијата е бела, со цел просторот да се одликува со чистота и смиреност, која на пациентите им значи. На некои места на ѕидовите поставени се натписи од форекс кои ги охрабруваат пациентите, како оној  „Сè започнува со насмевка“, и навистина, сè е поубаво кога се смееме. Натписите помагаат да се расположите, постигнете и зајакнете позитивен став и да се подготвите за борба против стресот.

4

Формите и дизајнот се максимално поедноставени и прочистени, на места се поставени парчиња мебел во различна боја, црни или интензивно зелени столови, кои во мали дози ја разбиваат хармонијата на просторот и придонесуваат при внатрешна рамнотежа во стресни ситуации. На некои ѕидови и во чекалната и во најстресната просторија, онаа каде се вршат стоматолошки интервенции, поставени се големи црно-бели фотографии, принтови, преку целата површина на ѕидот, на кои се прикажани млади, среќни и весели лица, со широка, бела, блескава насмевка. Ова е посебен мотив кој позитивно влијае на расположението на секој оној кој се наоѓа пред стоматолог и веднаш ја подобрува атмосферата.

14

Пултот во чекалната отскокнува од останатиот простор, тој е намерно нагласен елемент, кој го акцентира местото и со својата брановидна форма и различна боја, боја на природно дрво, добиена со облоги од фурниран медијапан, помага во збунетоста кога се влегува во стоматолошка ординација, особено прв пат, каде токму треба да се обратите.

Кога станува збор за работниот дел на стоматолошка ординација, естетиката се повторува и е во контекст со целиот амбиент. Просторот е транспарентен, се влегува преку елегантна лизгачка врата од пескарено сигурносно стакло, со кое е преграден и просторот до одредена висина. Просторот е чист и светол, но доволно засолнет од надворешни погледи, како би се заштитила интимата на пациентот, а на стоматолозите им овозможува непречена работа. Стоматолошкиот стол e свртен кон прозорецот со цел да се пренасочат мислите на пациентот од интервенцијата на забот.

10

Подот зазема подеднакво важно место во уредувањето на стоматолошката ординација. Неопходно е да биде едноставен и лесен за одржување за што подобра хигиена на просторот. Подот е од големи, порцелански плочки со мермерен дезен во бела боја, не отстапува од целокупниот амбиент. Капиларно е прошаран со црна боја, со што е постигната поголема елеганција на целиот простор.

Осветлувањето е во истиот манир и во чекалната и во работниот простор. Покрај централното, поставено е и индиректно осветлување со што се дава посебна димензија и се нагласува просторот и елементите во него. На делови во плафонот поставени се и ЛЕД ленти во канали.

Ентериерот на стоматолошка ординација може да го промени целокупниот впечаток и да направи пациентите кои доаѓаат кај стоматолог да се чувствуваат удобно.

7

16

Автор: БИРО ПРОЕКТ

Испрати коментар

Scroll To Top