Јапонскиот град Коматсу, доби нов музеј во кој посетителите можат да истражуваат не само во внатрешноста туку и надвор.
Проектот на Музејот на науки, го потпишува Мари Ито од студиото Urban Architecture Office, кој го осмислува објектот во вид на масивни бетонски куполи, покриени со трева.
Зеленилото на кровот не само што ќе ги намали трошоците за загревање и ладење на просторот, поради подобрената изолација, туку новосоздадениот рид сред градот ќе послужи и како брановиден јавен парк.
Новиот музеј е лоциран на местото на поранешна фабрика, така што оваа ‘grаy field’ инвестиција сосема го освежува квартот. Архитектот Мари Ито го замислува овој проект како врв на науката и индустријата, и тоа со необичната архитектура да се привлече што е можно поголем број посетители, кои овој музеј можат да го прошетаат и боси. Конструкцијата изведена од преднапрегнат бетон, поради прилично смелите распони, е прекриена со трева а благодарејќи на не така стрмниот нагиб, посетителите можат да се качат на врвот од кровот.
Зелениот кров одлично послужува и за собирање на дождовницата, која се складира во подземни резервоари.
Под „ најголемиот бран“ се крие голем изложбен простор и аудиториум.
Во текот на ноќта, благодарение на LED осветлувањето, музејот се претвора во спектакуларна светлосна инсталација. Всушност, светлото е така креирано, што создава впечаток на движење на воздухот низ брановидната конструкција.