Набљудувачката кула Вестерпунт, проектирана од белгиското студио МОТО, е позиционирана на падината на шеталиштето долж Северното Море, поврзувајќи ја општината De Pan на крајниот запад од Белгија со градот Dunkerque во Франција.
Ако шетате долж променадата од De Pan, основата на видиковецот е во рамнина со шеталиштето, со што се продолжува текот на прошетката. Качувајќи се и спуштајќи се од кулата, автоматски се враќате на патеката или плажата. По периодот на набљудување, прошетката продолжува.
Вода, песок, бетон и природа
„Од самиот почеток бевме свесни за чувствителноста на локацијата и уникатниот карактер на местото каде што се спојуваат многу различни елементи. Морето со своите плими и осеки, плажата, дините и шеталиштето. Белгија и Франција. Птици и пешаци. Вода, песок, бетон и природа“, потенцираа од студиото МОТО.
Архитектите од градот Гент се запрашале како може да ги спојат сите овие елементи и да ги направат опипливи, без наметнување и нарушување на местото.
„Баравме искуство кое може да биде дел од овие елементи и да стане едно со местото како отсекогаш да било таму. Трајно, втемелено, а сепак слободно. Значајно. Формата што ја баравме конечно одговара на ова прашање во сите негови аспекти“, објаснуваат архитектите.
Погледот на De Pan е единствен, а делумно благодарение на големите природни резервати и дини кои се отвораат кон плажата. Ова го издвојува од другите белгиски крајбрежни градови. Дините се во суштина главната предност на овој град.
Конструкцијата внимателно се вклопува со дините во однос на пропорциите, висината, обликот, бојата, материјалите и позицијата, а со тоа го подобрува овој атрибут што го прави De Pan толку посебен, објаснија белгиските архитекти.
Врска помеѓу копното и морето
Динамичниот карактер на конструкцијата му овозможува на шетачот максимално доживување на пејзажот. Имајќи предвид дека прошетката по шеталиштето е линеарна, јамката ја прави прошетката подинамична и попространа.
Поради различните насоки на скалите, шетачот доаѓа во контакт со различни карактеристики на пејзажот на нови начини и му се нудат нови перспективи.
За време на плимата структурата е делумно во море, што придонесува за целокупното искуство. Таа формира врска помеѓу копното и морето.
Динамичен, впечатлив облик, која е речиси како прстен, позициониран на навалената рамнина на шеталиштето, ја издвојува структурата од нејзината околина.
На овој начин, структурата добива сопствен идентитет, за што архитектите веруваат дека може да доведе до можност да стане ново место за фотографирање во градот.
Интригантната форма на структурата, и покрај нејзината релативно мала големина, буди интерес и љубопитност, а во исто време не станува доминантна, со што претставува референтна точка и препознатлива дестинација.
Бидејќи структурата е шуплива и транспарентна, таа се фокусира на она што е зад неа и создава врска со местото кон кое се шета.
Во основа, структурата има облик на издолжен петоаголник, составен од подеднакво долги сегменти на скали поврзани под агол од 108 степени.
Помеѓу секој сегмент од скалите има подест за одмор, а секој пружа единствен поглед на околината.
Конструкцијата на скалите служи и како „столбови на мост“. Накратко – формата, структурата и функцијата се обединети.
Боја и текстура на бетон во согласност со околината
Архитектите истакнуваат дека биле инспирирани од приказите од природата, особено местата каде морето и копното се среќаваат со суптилни, човечки додатоци видливи во пејзажот, често од практични или неопходни причини, но се со почит кон околината.
Целата конструкцеја направена е од бетон, кој се усогласува со околината со својата боја и текстура, а исто така е отпорен на многу агресивната морска клима.
Структурата се карактеризира со робусноста што се очекува од видиковци. Бетонот изто така бара и минимално одржување, а и складно се вклопува со материјализацијата на шеталиштето.
Видиковец како дел од прошетката
На овој проект применет е цитатот на Конфучие „Патувањето е дестинација“. Имено, кога шетачот ќе стигне до мостот, нема да го доживее како крајна точка туку како место за одмор.
Видиковецот е позициониран така што прошетката продолжува покрај шеталиштето или плажата, па и самиот тој е дел од прошетката. Патот продолжува преку мостот како да се качувате на висока песочна дина.
Конструкцијата, која исто така може да се чита и како прстен, ја симболизира врската помеѓу човекот и природата, како и врската меѓу двете земји.