Прототипот на супербрзиот воз наречен super bullet train maglev, се симна од производната лента во Ченгду. Тоа е главен град на провинцијата Сечуан, на југозападот од Кина, а возот развива максимална брзина од 620km/h. Се работи за првиот воз од овој вид кој користи високотемпературна спроводливост на maglev (magnetic levitation) технологијата, и во целост е проектиран и произведен во Кина.
Оваа технологија се разликува од постоечките maglev технологии, кои користат суперспроводливост при ниски температури или нормално спроводлива магнетна левитација. Оваа новина ќе овозможи постабилно возење. Изработен е од лесни јаглеродни влакна, со „нос“ во облик на куршум и според производителот е најбрзото копнено возило на светот. Имено, овој воз е двојно побрз од возот Eurostar, и при декларираната брзина, од Лондон до Париз би се стигнувало за 47 минути. Возот се планира да биде целосно оперативен во наредните три до десет години.