Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA) е британско здружение на архитекти, кое делува уште од 1834 година. Со години, доделува награди во различни категории, како што се оние за најдобар нов проект, а оваа година таа отиде во рацете на студиото Macdonald Wright Architects, и тоа за проектот Caring Wood.
Се работи за раскошна резиденција на село, која донесува свежа визија за традиционалните имоти и се наоѓа во областа Кент. Се состои од четири кули кои „израснуваат“ делумно од пространиот имот, а изградени се главно од природни и локално достапни материјали.
Клиенти изразиле желба резиденцијата да биде доволно голема и функционална за да може удобно да се сместат три генерации на семејството, почитувајќи ја сечијата потреба за приватен простор.
На проектот работеле голем број на соработници, а главните архитекти истакнале дека оваа награда е доказ дека дури и малите компании може да направат големи работи, под услов тие да имаат клиент со отворен ум.
И додека оваа резиденција несомнено делува и функционира модерно, ќе се согласите дека има задржано некои карактеристични обележја на рустичните краеви.