ОУ „Кочо Рацин“ Охрид се закити со светска награда како дел од 250-те училишта од целиот свет со ознака School of Excellence доделена од Cartoon Network Climate Champions и Проектот за климатска акција (Climate Action Project).
Тимот составен од наставничките Виолета Петковска, Силвана Крстеска, Татјана Лошкоска, Габриела Неделкоска, Јованка Анѓелкоска, Билјана Марковиќ-Митков, Наташа Неданоска и Билјана Каланоска, заедно со нивните ученици еко-херои беа несебично поддржани од целото училиште и успеаја да бидат препознаени меѓу 13000 училишта од целиот свет и да ја освојат престижната ознака, јавува Ohridnews.com.
Само 250 училишта во светот го добија признанието за интензивна работа на полето на образованието поврзано со климатските промени. Cartoon Network Climate Champions е иницијатива за подигање на свеста за климатските промени чија цел е да ги инспирира децата да преземаат секојдневни предизвици кои колективно можат да направат голема разлика за здравјето на нашата планета. Развиена е во соработка со Светскиот фонд за дивиот свет (World Wildlife Fund), светски познатата еколошка организација, вели Виолета Петковска наставник ментор и училишниот тим при ОУ„Кочо Рацин“ Охрид.
Проектот климатска акција е бесплатен образовен проект лансиран од Take Action Global, образовна непрофитна организација со седиште во Соединетите Американски Држави, во која се вклучени 2,7 милиони наставници и студенти од 146 земји од светот.
Меѓу четирите училишта покрај охридското „Кочо Рацин“ се и основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Димитар Миладинов“ од Скопје, како и „Драга Стојановска“ од с.Ракотинци, скопско.
Целта на проектот е да им помогне на учениците да научат за климатската криза и за начините како да ги шират решенијата на интернет. Училишта што добија признание ја доставиле својата работа за изминатата година и исполниле опсежни критериуми, вклучително и посветеност на целото училиште за климатско образование и студентски решенија. Мисијата на Take Action Global е да поттикне една милијарда ученици да преземаат акција за почиста животна средина до 2030 година преку програми, вклучувајќи го и „Проектот за климатска акција“, додава Петковска.
Со визија за климатско образование за сите, Take Action Global ги комбинира наставните програми за животната средина со проекти предводени од ученици, споделувајќи идеи и искуства со локалните и глобалните заедници, образовните лидери и партнерските организации.
Партнери се Фондацијата на Обединетите Нации, НАСА, WWF, Cartoon Network, LEGO Education и Earthshot Prize претставена од Кралската фондација.