Милано е повторно во центарот на вниманието на целиот свет со познатиот саем за мебел – 56. издание на Salone Internazionale del Mobile 2017, кој годинава трае од 4 до 9 април. Овој настан, кој има витално значење за Милано, по кој знае кој пат ја потврдува позицијата на Salone del Mobile како светски репер за квалитет и иновации, благодарение на широкиот и сеопфатен спектар на ексклузивни производи – од мебел, дизајнерски елементи преку светлечки тела до работни простории – како и два врзани настани. Salone del Mobile во Милано претставува врвен форум за креативни идеи и епицентар на дизајнот. Едноставно, со своето долгогодишно искуство, овој настан е во центарот на вниманието на дизајнерите и архитектите. И годинава, повторно е важно место за средби и работилници, кои на своите посетители им нуди вредни културални и професионални совети; со специјална ложа, каде што се одржува Archicocktails, настан на којшто се разговара за најновите трендови во градењето, а говорниците се секогаш почитувани имиња од светот на архитектурата и дизајнот. Оваа визуелно атрактивна локација е поделена во повеќе простори, со фокус на компјутерска графика. Темата на настанот е леснотија. Изложбата насловена Absolute Lightness, претставена е со дигитални и интерактивни содржини во центарот на вниманието, и ги претставува завршните детали кои се користат во модерната архитектура. Околу 2.000 излагачи ги презентираат своите иновации во простор кој надминува површина од 200.000 м2. Овие импресивни бројки, покрај 1000 производи кои за првпат се презентираат тука, ја потврдуваат неверојатната вредност на овој саем, како меѓународна изложба на креативност и форум за професионалци, со повеќе од 300.000 посетители од 165 различни земји. Манифестацијата за време на траењето на саемот, отворена е секој ден за професионалците и останатите посетители од 9.30 до 18.30 часот. Salone Internazionale del Mobile е поделен во три сектори: Classic (павилјони 2-4), Design (павилјони 5-6-7-8-10-12-14-16-18-20) и xLux (павилјони 1-3), сектор кој е посветен на безвременски луксуз со современа реинтерпретација, кој беше многу успешен минатата година. Како и секоја година, Salone нуди изложби со слична тематика: така, изложбата Euroluce е во павилјоните 9-11 и 13-15, а поставките Workplace3.0, International Furnishing Accessories Exhibition и SaloneSatellitе се во павилјоните 22-24. Изложбата Euroluce, која се одржува по 29. пат, го претставува најдоброто од светот на осветлувањето – од декоративни производи до технички решенија применливи во индустриските, уличните, забавните и болничките опкружувања, како и системите за куќна автоматизација, извори на светлост и светлосна технологија. Како и секогаш, овој настан е фокусиран на зачувување на енергијата, одржливоста и намалување на загадувањето преку осветлувањето. Workplace3.0 – по седумнаесети пат – е претставен како изложба посветена на уредувањето на работните простории и технологијата. Тоа е настан кој дава одговори на брзите промени во светот на работните опкружувања и сите новонастанати потреби на пазарот. Најдобрите парчиња мебел за канцеларии, банки и осигурителни компании, пошти и јавни средини се презентирани покрај компонентите од акустиката, аудио/видео технологијата, технички инсталации и системи од безбедноста. Дваесет години по ред, SaloneSatellite претставува место каде млади луѓе од сите пет континенти имаат можност да ги покажат своите вештини, креативност и знаење во павилјоните 22 и 24. Покрај големиот број на производи презентирани на саемот, два настани посветени се на осветлувањето и работните средини. Куратор на првиот настан е Симоне Кјармоли, кој претходно работел на Before Design: настан во рамките на Classic сектор, кој се одржа на минатогодишното издание на Salone del Mobile. Овогодишниот настан носи наслов DeLightFuL (скратенка за Design, Light, Future, Living). Оваа изложба вклучува презентација на независен краток филм инспириран од светот на фантазијата, кој е дело на наградуваниот режисер Матео Гароне. Вториот настан, A Joyful Sense at Work, е дело на кураторката Кристиана Кутрона, и претставува визија за еволуцијата на иднината во сценарио на работна средина, нудејќи иновативна содржина и пристап кон дизајнот на канцелариските производи и средини преку четири инсталации, при што секоја има специфични културални елементи од поднебјата од коишто потекнуваат архитектите што работеле на нив. Во своето второ издание, space&interiors претставува единствен настан кој е постојано поврзан со Salone del Mobile, а посветен е на архитектурата. Просторот на одржувањето на овој настан е The Mall, Porta Nuova, во самото срце на миланскиот дизајнерски дистрикт Брера, а за време на настанот посетителите имаат можност да ги видат површините, подовите, вратите и финалните детали во прекрасната поставка, која е дело на архитектонската пракса Migliore+Servetto.