Завршен е и пуштен во работа првиот дел од новата железничка станица за брзи возови во близината на Неапол. Проектот е дело на Zaha Hadid Architects, и претставува дел од поширок план за подобрување на сообраќајната поврзаност во цела јужна Италија.
Железничката станица Napoli Afragola има интересен дизајн и вклучува одржлива технологија. Иницијално предложена во 2003 година, железичката станица неодамна свечено ја отвори италијанскиот премиер Паоло Џентилони и пуштена е во употреба на 11 јуни.
Моментално опслужува 18 возови со голема брзина и до 10.000 патници дневно. Меѓутоа, кога целосно ќе биде комплетирана, планирано е да опслужува 28 возови и 32.700 патници на ден. Што се однесува до конструкцијата, проектот е доста интересен и се состои од основа од армиран бетон, над која се издига големиот хол составен од 200 големи челични ребра. На врвот се наоѓа застаклениот покрив. Се работи за напредни техники (закривени бетонски елементи) кои, исто така, се користени и кај досега најпознатиот објект на Zaha Hadid Architects во Италија, односно MAXXI музејот во Рим.
Станицата Napoli Afragola ги има сите атрибути на еден одржлив објект. Главниот хол има ориентација која ќе овозможи максимум природна светлина. На покривот се интегрирани соларни панели, а системот за греење го користи концептот на топлинска пумпа и земјата како извор на топлина.