Насловна / Архитектура / Отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија

Отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија

Се одржа првиот концерт во новата концертна сала на Македонската филхармонија. Оркестарот по 73 години од основањето, доби свој дом, со две сали и современа техничка опрема. Честа да засвири прв на новата сцена ја имаше маестро Симон Трпчeски, македонскиот најуспешен пијанист, многу почесто гостин во светските музички центри отколку во Македонија. Тој изведе  дела од Прокопиев, Прокофјев и Чајковски, под диригенстката палка на познатиот руски диригент Владимир Ашкенази.

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од над 12.000 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет од 1000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.filharmonija

Големата сала располага со најсовремени сценско-технолошки системи кои објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите што се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа.филхармонија1

Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.

Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за нив.

Финализирањето на објектот доцнеше неколку години поради  крах на австриската фирма која ја почна изградбата, а подоцна се покренаа и прашања околу квалитетот на акустиката и следењето на стручните инструкции за техничката опременост на двете концерни сали. Првично, за изградба на објектот се спомнуваа помалку од десет милиони евра, но конечната сметка се смета дека е четири пати повисока.

Податоци за објектот:

Локација: Платото меѓу МОБ и МБУЦ во центарот на Скопје

Идејно решение: Виктор Михајлов, дипл.инж.арх.

Проектант: Македонијапроект АД, 2008/2009

Ревидент: ИН Пума – Скопје

Надзор: Градежен институт Македонија

Изведувач  – прва фаза: Алпине Бау – Македонија, 2009-2013

Изведувач  – втора фаза за кров, фасади, партер: ГД Гранит АД, 2014-2017

Изведувач  – втора фаза за ентериер: Страбаг АГ – Македонија, 2015-2017

Површина во основа: 3.200 м2

Корисна површина: 8.800 м2

Волумен под кров заедно со подрум: 48.000 м3

Површина на развиен кров систем Kalzip: 4.300 м2

Површина на фасада во алкобонд: 1.700 м2

Површина на фасада во стакло систем Jansen: 3.500 м2

Површина на фасада во камена облога: 800 м2

 

Испрати коментар

Scroll To Top