Во Археолошкот музеј на Македонија, отворена е изложбата „Некрополите на Мали Дол“ која претставува резултат од шестгодишните истражувања на истоимениот локалитет во селото Тремник кај Неготино.
Како што соопшти Археолошкиот музеј, истражувањата се одвивале под нивно раководство во соработка со Музејот на град Неготино и Филозофскиот факултет од Скопје, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.
– Археолошките истражувања беа со заштитен карактер и се одвиваа на еден мошне ограничен простор, ограден со градинарски култури и винова лоза. Со истражувањата се откриени вкупно 60 погребувања кои припаѓаат на два хоризонти на погребувања. Првиот хоризонт се датира во преодниот период од бронзено во рано железно време, односно XII век – XI век пред н.е., а вториот во периодот на средниот век, т.е. во XI-XII век, стои во соопштението.
Материјалните остатоци, гробните форми, ритуалот на погребувањето констатирани во гробовите од постариот хоризонт на погребување, се наведува, претствуваат одлична илустрација за случувањата во периодот на преод од бронзено во железно време, и се од особено значење за предисториската археологија на Република Македонија.
Реупотребата на постарите гробови, како и користењето на овој простор како свет, се до средниот век го илустрира значењето и посебното место кое локалитетот Мали Дол го има во македонската наука и археологија воопшто, се наведува од Археолошкиот музеј.